9.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАИЗБОР

Насмеан “до уши”: Милошоски тврди дека добил потврда дека Македонија ќе добие нова блокада во ЕУ, СДСМ жестоко реагираше

Земјава во декември нема да добие датум за преговори со ЕУ, ниту во првата половина на следната година, тврди пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски откако на маргините на конференцијата за трансатланска безбедност, во Вашингтон, разговарал со европски делегати.

„Од разговорот со соговорниците произлегува заклучокот дека и овој декември Македонија нема да добие датум за почеток на преговорите со ЕУ. Истиот неповолен исход се очекува и во периодот јан-јули 2022 година. Во меѓувреме Албанија вложува дипломатски напори да се раздвои од пакетот со Македонија за да си ги зголеми шансите самостојно да добие датум за преговори, но се уште е неизвесно дали со оваа опција ќе ги убедат сите членки на ЕУ да донесат едногласна одлука за посакуваниот чекор на официјална Тирана кон Брисел“, напиша Милошоски на Фејсбук.

Тој информира дека во Вашингтон на маргините на конференцијата за трансатланска безбедност успеал да поразговара со: Седрик Перин (Франција), Ине Сериде (Норвешка), Јан Фарски (Чешка Република), Моника Грегорчич (Словенија), Мими Кодели (Албанија) и Аудронис Азубалис (Литванија).

„Разговарав на теми од билатерален интерес, како и за дискусиите во Брисел поврзани со процесот на европските интеграции“, напиша Милошоски.

 

СДСМ ЖЕСТОКО ВОЗВРАТИ: Милошоски лобира против почеток на преговори со ЕУ, ВМРО-ДПМНЕ е докажан противник на евроинтеграциите

– Срамно, десната рака на Христијан Мицкоски и докажан извор на лажни вести, Антонио Милошоски отишол во Вашингтон да лобира Северна Македонија да не започне преговори за членство во ЕУ.

Наместо да бара ЕУ да донесе одлука што поскоро нашата држава да започне процес за преговори со Унијата, заслужени, за кои ги имаме исполнето сите услови, Милошоски го прави сосем спротивното, работи за блокада на евроинтеграциите.

ВМРО-ДПМНЕ предводена од Христијан Мицкоски е докажан противник на евроинтеграциите, партија која сака државата да ја врати назад во изолација, раскарана со соседите и демократскиот свет, велат од СДСМ.