21.8 C
Скопје
28. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈААНАЛИЗА

Зошто му се брза на Мицкоски за избори пред април 2022? – Прво влада или прво избори: Две различни изјави на Мицкоски за три дена

Што се случува со Христијан Мицкоски? Последниве денови ставовите ги менува како чорапи. Прво сакаше брзи предвремени избори, сега најавува формирање на мнозинство.. Што е тоа што го брза Христијан Мицкоски?

Христијан Мицкоски пред само три дена изјави дека нема да формира мнозинство, туку дека ќе бара брзи предвремени избори.

„Најдобро решение е без одлагање, брзи предвремени парламентарни избори со почитување на уставните и законски рокови кои ќе обезбедат стабилна влада и вадење на Македонија од кризата. Брзи избори за кои нема да има алтернатива затоа што потребна е стабилна влада“, рече Мицкоски потенцирајќи дека треба да се направи и консултација со ДИК за да види колку во кој рок тие би можеле да ги организираат изборите.

„Нема да даде ни нова енергија потребна за реформите. Тоа само ќе нè внесе во нови разговори, преговори и слично кои ќе го разводнат капацитетот за управување со институциите и ќе се креира погрешна слика која нема да ја отсликува волјата на народот“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ пред три дена.

И тогаш му беше поставено прашањето како и денеска: Зошто се откажал од формирање ново парламентарно мнозинство, кое долго време го најавуваше, на што тој одговори: Ново мнозинство е потребно за распишување нови избори.

Што изјави Мицкоски денеска?
Прво обид да формира влада, а доколку не успее, ќе се оди на брзи предвремени парламентарни избори. Вака денеска на прес-конференција Мицкоски ги најави чекорите кои ќе следат откако ќе падне актуелната Влада – дали преку оставка на премиерот Зоран Заев или преку потписи од 61 пратеник за гласање недоверба, кои лидерот на ВМРО-ДПМНЕ тврди дека ги обезбедил на синоќешната средба во Собранието со претставниците на Алијанса, Алтернатива, Беса и Левица. Оставката ќе ја чекаат до понеделник.

„Во периодот што следи ќе се обидам, повторувам ќе се обидам да формирам нова влада и тоа ќе се случи само доколку бидам сигурен дека тоа ќе биде влада со сериозен кредибилитет, влада со силни институции кои ќе гарантираат стабилност, нова енергија и ефикасност во реформите и промените кои следат. Доколку не се постигне оваа цел кон која се стремам и не обезбедам полна ефикасност на владата потребна за справување со кризите, борба против корупцијата и криминалот, коишто се клучниот проблем во нашата држава, понатаму полна ефикасност на владата , тогаш она што ни преостанува како единствена опција се брзи предвремени парламентарни избори, за народот на Македонија да одлучи за новата иднина“, рече денеска Мицкоски.

Зошто ако е сигурен Христијан Мицкоски во мнозинството ја чека оставката на Заев? Зошто тој и неговите пулени не ја разрешат Владата, туку даваат рок?
Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски сака брзи избори, има мнозинство, но го чека Заев да ја достави оставката. Непознато е зошто, ако, веќе го има мнозинството тој и неговите пулени не го разрешат Заев и не побараат мандат од Пендаровски за нова влада.

Зошто му се брза на Мицкоски со избори?
Дали зад брзањето на Христијан Мицкоски е интересниот настан што се случува во Унгарија, каде унгарската опозиција води на анкетите пред изборите, а нивниот лидер сака да го екстрадира Груевски во Македонија.

Опозициската алијанса од шест политички партии во Унгарија има предност на предизборните анкети од 4 проценти пред владејачката партија „Фидеш“ на Виктор Орбан, пишува британскиот весник Гардијан. Поддршката на здружената опозиција во моментов изнесува 39 отсто, партијата на Орбан има популарност од 35 отсто, додека 23 отсто од граѓаните не одлучиле за кого ќе гласаат.

Сите опозициски партии во Унгарија се обединети во широка коалиција, кои заедно застанаа зад кандидатот Петер Марки-Зај, конзервативен градоначалник на мал град од југот на Унгарија и татко на седум деца. Во анти-Орбан коалицијата влегуваат партиите на социјалистите, социјалдемократите, зелените, либералите и поранешните ултра-десничари. Тие ќе го поддржат Марки-Зај за иден унгарски премиер, којшто ќе му се спротивстави на Орбан на изборите што ќе се одржат во април 2022 година.

Марки-Зај себеси се опишува за конзервативен политичар и католик по вероисповед, којшто успеал како независен кандидат да стане градоначалник на Ходмезевашархељ на изборите што се одржаа во 2018 година, и со тоа да ја преземе власта во некогашното упориште на Орбан. Ваквиот персонален профил на идниот кандидат за премиер, заедно со воспоставената коалиција од шест партии, можно е догодина да предизвика промена на власта во Унгарија.

Инаку, Петер Марки-Зај веќе на Твитер објави дека меѓу бројните промени коишто планира да ги направи во Унгарија е и екстрадицијата во нивните матични земји на поранешниот македонски премиер Никола Груевски и јорданскиот бизнисмен Заиф Нафа, кои во моментов уживаат азил во Унгарија од Орбан.

„Ќе ги избркаме криминалните мигранти населени од Фидеш. Ќе ги екстрадираме Никола Груевски од Македонија, Заид Нафа од Јордан и други криминални мигранти населени од Фидеш“, напиша вчера опозицискиот кандидат за премиер, Марки-Зај.

Поранешниот македонски премиер Никола Груевски избега во Унгарија во 2018 година, со цел да ја избегне правдата, по што побара и доби азил од страна на унгарските власти. Институциите предводени од Виктор Орбан му го одобрија азилот на Груевски само неколку дена по неговото пристигнување во Будимпешта во текот на ноември 2018 година.

Инаку, Никола Груевски најпрво во земјава беше осуден на две години затвор во 2018 година за набавката на луксузниот мерцедес од 600.000 евра со пари од полицијата, односно за примање награда за противзаконито влијание за набавката на мерцедесот, при што правосилноста на пресудата беше потврдена во септември 2020 година од Врховниот суд. Лани Груевски беше осуден на дополнителни 1,5 години затвор за случајот „Насилства во општина Центар“, а поранешниот премиер се гони и во други судски процеси од обвинителните акти кои ги покрена СЈО.

Спонзорирано: