8.8 C
Скопје
18. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Uncategorized

Трговијата со деца е сеуште во пораст во земјите од Западен Балкан, став на учесниците/чките на регионалната конференција

Белград, 22 јуни 2021 година – Трговијата со деца во земјите од Западен Балкан и покрај бројните правни и практични мерки преземени низ годините и понатаму е во пораст. Пандемијата на КОВИД-19 направи децата да бидат уште поизложени на трговија поради растечката економска несигурност, невработеноста и ограничувањата на движењето. Ова беше истакнато денес на првиот ден од дводневната регионална конференција „Здружено дејствување во Западен Балкан за заштита на децата од трговија со луѓе и експлоатација“, организирана во рамки на заедничката програма на Европската Унија и Советот на Европа „Horizontal Facility за Западен Балкан и Турција 2019-2022“, на која учествуваа повеќе од 130 учесници/чки од регионот и пошироко.

Децата од земјите на Западен Балкан се предмет на трговија поради различни причини на експлоатација: сексуална експлоатација, вклучително и продуцирање и дистрибуција на материјал кој содржи сексуална злоупотреба на деца, присилни бракови, трудова експлоатација, присилно питачење и присилни криминални активности.

Петја Несторова, Извршна секретарка на Советот на Европа за борба против трговијата со луѓе, потсети дека Конвенцијата бара државите членки да преземат конкретни мерки во однос на децата. „Треба да ги зајакнеме нашите заеднички напори за адресирање на структуралните фактори кои лежат во основата на трговијата со луѓе и да промовираме трајни решенија за децата кои се подложни на трговија и експлоатација. Мерките против трговија со деца треба да бидат интегрирани во општиот систем за заштита на децата, со кој се опфаќаат социјалните, здравствените и образовните услуги“, истакна Несторова.

Во своето поздравно обраќање, Самир Ризво, Помошник Министер и Државен координатор за борба против трговијата со луѓе и нелегалната миграција, Министерство за безбедност на Босна и Херцеговина потсети дека Западен Балкан се соочува со големи безбедносни и хуманитарни предизвици предизвикани од масовните и комбинирани напливи на миграција, каде трговијата со деца е навистина присутна. „Искрено сум благодарен на Советот на Европа и Европската Унија за организацијата на оваа заедничка конференција, каде ќе имаме можност да разговараме за заедничките активности за време на кризата и за заштита на децата од трговија и експлоатација во земјите од Западен Балкан. Ова е посебно важно бидејќи поголемиот број потенцијални и формално идентификувани жртви на трговија, како и главна мета на трговците, се децата кои се без придружба“, рече Ризво.

Верена Тејлор, Директорка на Генералниот директорат за програмски активности на Советот на Европа ја потенцираше важноста на соработката помеѓу повеќе агенции, како и заедничките напори  на државите во борбата против и спречувањето на трговијата со деца. „Драго ми е што гледам дека тука се собрани сите партнери за да разговараме за ризичните области и мерките за борба против овој феномен во земјите од Западен Балкан. Само со заедничка работа можеме да ја спречиме трговијата со деца и да го поддржиме развојот на политики кои ќе се фокусираат на жртвите. Мораме да ги зајакнеме капацитетите за превенција и борба против трговијата со луѓе и да ги заштитиме правата на сите жртви“, истакна Тејлор.

Александра Антониадис, Заменик шефицата на Одделението за политики за организиран криминал и дрога на Eвропската Комисија, истакна дека спречувањето и борбата против трговијата со деца е еден од приоритетите на Европската Комисија. „Илјадници индивидуи се жртви на трговија годишно, а КОВИД пандемијата дополнително го засили ризикот од виктимизација и експлоатација. И покрај сите наши напори, сеуште постојат значителни недостатоци. Поради тоа Комисијата усвои нова стратегија против трговијата со луѓе со која се дефинира широк спектар на активности кои ќе овозможат сторителите да бидат доведени пред лицето на правдата, а жртвите да ја добијат потребната заштита и поддршка“, забележа Антониадис.

Заменик шефицата на Делегацијата на Европската Унија во Босна и Херцеговина, Екатерина Дороднова рече: „Преку низа национални и регионални проекти ЕУ цврсто ја поддржува борбата против трговијата со луѓе, вклучително и деца, во БиХ и во целиот регион. Многу деца во БиХ се предмет на различни видови злоупотреба и експлоатација и често се малтретирани, и физички и психички. ЕУ заедно со Советот на Европа и други парнтери работи на препознавање и поддршка на жртвите и на промовирање силни структури во БиХ за спречување на ваквите кривични дела и за целосно почитување на човековите права на децата. ЕУ има обезбедено финансиски средства со кои ќе се осигура засолништво на 500 малолетници/чки без придружба кои влегле во БиХ како дел од напливот на мигранти и со кои ќе се осигура правото на образование на повеќе од 4000 деца мигранти. Ваквата работа ќе продолжи во соработка со локалните и меѓународните партнери.“