5.8 C
Скопје
29. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Преговори во три дела и одвоени прес-конференции: објавени детали за средбата меѓу Путин и Бајден

Помошникот на претседателот на Русија, Јуриј Ушаков, денеска соопшти дека самитот на претседателите на Русија и САД, Владимир Путин и Џо Бајден, ќе започне утре во 13 часот по средноевропско време во вилата Ла Гранж во Женева.

Путин ќе биде пречекан од претседателот на Швајцарија во вила Ла Гранж, а потоа ќе дојде Бајден, пренесува РИА Новости.

Ќе следи традиционално заедничко фотографирање и обраќање на претседателот на Швајцарија, по што претседателите на Русија и САД ќе се преселат во библиотеката.

Ушаков рече дека преговорите ќе се состојат од три дела – прво во тесен, а потоа и во проширен состав, по што ќе следат одделни прес-конференции на двете страни.

За време на разговорите во потесен состав Путин ќе биде придружуван од министерот за надворешни работи, Сергеј Лавров, а Бајден ќе биде придружуван од американскиот државен секретар, Ентони Блинкен.

Ушаков рече дека не знае дали претседателите ќе сакаат да се тргнат настрана и да разговараат лице в лице и додаде дека тоа зависи од нив двајцата.

Покрај Ушаков и Лавров, во руската делегација ќе бидат и портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рускиот амбасадор во Соединетите држави, Анатолиј Антонов, началникот на Генералштабот на руските вооружени сили, Валери Герасимов и рускиот заменик министер за надворешни работи, Сергеј Рјабков.

Биле повикани и заменик шефот на претседателската администрација, Дмитриј Козак и специјалниот претставник на претседателот за Сирија, Александар Лаврентјев.

По самитот, Путин ќе се сретне со неговиот швајцарски колега, по што ќе се врати во Русија.

Спонзорирано: