12.8 C
Скопје
25. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Најмалку 42 загинати во новите израелски напади на Газа, срушени се три згради

Во израелски воздушни напади врз градот Газа урнати се три згради и убиени најмалку 42 лица, соопштија денес палестинските здравствени власти.

Ова е најкрвавиот напад во жестоките борби што избувнаа пред една недела помеѓу Израел и Палестинците во Појасот Газа, со кој управува исламистичкото движење Хамас. Меѓу жртвите има 12 жени и осум деца, соопштија палестински медицински лица.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху навестува дека борбите меѓу Израел и Палестинците во Газа ќе продолжат и покрај меѓународните напори да се постигне прекин на огнот.

Во телевизиско обраќање, Нетанјаху рече дека нападите продолжуваат со полна сила и дека ќе биде потребно време. Израел, како што посочи тој, сака да наплати висока цена од милитантната управа на Газа од движењето Хамас, пренесува АП.

Премиерот исто така посочи дека во високата зграда во Газа, која израелската армија ја гранатираше и ја уништи во саботата, биле сместени разузнавачките штабови на палестинската „терористичка“ група, а таму биле и канцелариите на американската новинска агенција АП.

„Имаше разузнавачки штаб на палестинската терористичка организација, од каде беа организирани терористичките напади врз израелски цивили, така што тоа беше потполно легитимна цел“, изјави Нетанјаху денеска, а објави „Ројтерс“.

Претходно, израелската служба за итни случаи на „Твитер“ објави дека се забележани директни удари на ракети истрелани од Газа во Лачиш и Негев.

„Во последните неколку минути, голем број ракети беа испукани кон областите Лачиш и Негев. Пристигнуваат извештаи за директни удари. Екипите за итни случаи се на терен и им помагаат на луѓето кои се во шок откако биле повредени на пат до нивните засолништа“, велат од брзата помош.

Од ескалацијата на судирите во понеделникот, најмалку 188 лица, од кои 55 деца, се убиени во Газа. Израел пријави десет смртни случаи, од кои две деца.

Спонзорирано: