17.8 C
Скопје
20. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КОРОНАВИРУССВЕТ

Италија ги попушта мерките, планира да има 30 милиони вакцинирани до крајот на мај

Во Италија 24 милиони луѓе се вакцинирани против Ковид-19 и за две-три недели веќе нема да биде задолжително да се носи заштитна маска на отворено, како што е случајот сега, објави заменик-министерот за здравство, Пјер Паоло Силери, за телевизијата РАИ 24.

Од октомври минатата година Италијанците носат заштитни маски не само во затворен простор туку и надвор.

Силери рече дека за понатамошно олеснување на мерките против Ковид-9, потребно е да се вакцинира најмалку половина од возрасната популација, што значи 30 милиони луѓе. Тој тврди дека оваа цел ќе биде постигната до крајот на мај.

Заменик-министерот исто така најави поместување на полицискиот час од полноќ, наместо од 22 часот, како што е сега, и дозвола за барови и ресторани да примаат гости во затворен простор.

Засега угостителските објекти може да послужат само маси што се на отворено, а за да им помогнат на локалите што тоа го немаат властите дозволија да се поставуваат маси на тротоарите и на улиците.

За оваа цел некои улици се привремено затворени за сообраќај.

Здравствените експерти продолжуваат да предупредуваат дека е потребно да се почитуваат основните мерки за заштита: носење маска, одржување физичка дистанца и лична хигиена.

Сепак, граѓаните освојуваат поголема слобода отколку што е препорачано, пишува „Фанпејџ“ во извештајот за преполни ресторани, преполни барови и толпи луѓе што се туркаат пред баровите со чаша во рака, без маски и без далечина.

Со убавото време во многу крајбрежни места е забележана голема навалица на плажите.

Спонзорирано: