20.8 C
Скопје
28. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КОРОНАВИРУССВЕТ

Германија неделава ги олеснува мерките за вакцинираните

Одредбата на германската влада со која вакцинираните и оние кои го прележале вирусот се исклучуваат од мерките за борба против пандемијата на коронавирус може да стапи на сила уште оваа недела, објавија германските медиуми.

Укинувањето на многу ограничувања на личните контакти, слободата на движење и обврската за тестирање на вакцинираните и оние кои го прележале коронавирусот, според германските медиуми, повикувајќи се на владини извори, може да помине низ собраниска процедура оваа недела.

За одредбата треба официјално да реши владата на утрешната редовна конференција, а долниот и горниот дом на парламентот, Бундестагот и Бундесратот, би можеле да одлучат за тоа в четврток и в петок.

Во рамките на владејачката Демохристијанска-социјалдемократска коалиција има договор за укинување на ограничувачките мерки за вакцинираните лица, а најголемиот дел од парламентарната опозиција ја сигнализира својата согласност.

Говорејќи во прилог на укинување на обврската за усогласување со некои антипандемиски мерки, како што се забрана за ноќни излегувања или задолжително тестирање и карантин по враќањето од странство, водечките политичари во владејачката коалиција последните денови нагласија дека не станува збор за привилегии, туку за враќање на основните граѓански права на оние кај кои веќе не постои опасност од ширење на заразата.

Владата се повикува на сознанијата на државниот Институт за епидемиологија „Роберт Кох“, кој објави дека вакцинираните лица имаат помала веројатност да ја шират заразата отколку луѓето со негативен тест за коронавирус.

Набљудувачите проценуваат дека владата го забрзала процесот на донесување одредба за ослободувања на вакцинирани лица, меѓу другото, и поради постојаниот пад на седумдневната инциденција во Германија во последната недела. Во вторникот, инциденцијата падна на 141, од вчерашната 146.

Некои политичари, како што е социјалдемократскиот портпарол за здравство Карл Лаутербах, ги поздравуваат исклучоците за вакцинираните лица, но истовремено предупредуваат на можните последици од понатамошното олеснување на мерките исклучиво за одредени групи, како што се вакцинираните или оние кои го прележале коронавирусот.

„Тоа навистина ќе доведе до неподносливи тензии“, рече Лаутербах за Дојчландфунк.

Карин Мааг, портпарол на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) за здравствени проблеми, исто така предупреди на можни тензии меѓу вакцинираните, главно постари граѓани и оние кои не биле вакцинирани.

„Логично е да се бара од вакцинираните лица да се воздржат од барање поголеми права сè додека помладите граѓани, кои досега покажаа трпеливост, не се вакцинирани“, рече Мааг.

Спонзорирано: