Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Коронавирус Бизнис ТОП ВЕСТИ

„Дојче Веле“: Во С Македонија ќе се произведува амбалажа за вакцините против коронавирусот

Германскиот производствен гигант за медицинска и фармацевтска амбалажа „Гересхајмер“ ја стартува работата во Северна Македонија со најава за уште поамбициозни планови. Првата фаза тешка околу 30 милиони евра и околу 350 вработувања започна, но допрва следува она што е уште поважно. Одлука за проширување на производствениот капацитет, кој според најавите треба да биде досега најголема инвестиција во Северна Македонија, пишува „Дојче Веле“.

Доколку се реализира, во близина на Скопје ќе се произведува амбалажа за вакцините против коронавирусот кои се користат ширум светот.

Потпретседателот на „Гересхајмер“, Оливер Бургел, во разговор за „Дојче веле“ изрази задоволство од досегашниот тек на работите. Првата фаза која стартува со производство на специјални високософистицирани навртки за шприцеви според него се одвива според плановите, а многу бргу вели ќе бидат познати и деталите од планот за проширување на капацитетите.

„Досегашната инвестиција е околу 30 милиони евра и во првата фаза опфаќа околу 350 вработени. Но доколку ги постигнеме очекуваните резултати идејата е инвестицијата да се прошири. Деталите за ова ќе бидат познати во наредните два месеца. Нашиот инвестициски план е во двоцифрена милионска сума и во насока на околу 100 милионска инвестиција. Сепак прецизно не би можел сè уште да кажам, бидејќи сме во фаза сме на разговори. Но секако многу важно при носењето на конечното решение ќе биде и поддршката којашто ја добиваме од владата која досега е многу добра“, вели Бургел.