14.8 C
Скопје
18. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Народната банка ја додели Годишната награда за млади истражувачи за 2021 година

Народната банка ја додели Годишната награда за млади истражувачи за најдобар труд од областа на макроекономијата и банкарството за 2021 година. Нејзин добитник е Рејхан Сулејман, наградена со прва награда за трудот „Влијанието на претприемaштвото врз економскиот раст во земјите во транзиција и во земјите од регионот МЕНА (Среден Исток и Северна Африка): со осврт на Северна Македонија“.

Трудот на Сулејман е оценет со највисока просечна оценка во согласност со критериумите од објавениот конкурс. Станува збор за труд што се одликува со конзистентност и истражува релевантна област, која се однесува на економскиот развој, со посебен акцент на нашата земја. Целта на трудот е да се испита влијанието на претприемаштвото врз економскиот раст. Во трудот се дава осврт на претприемаштвото во нашата земја, а економската анализа е направена со примена на релевантна методологија (панел-процена). Главниот заклучок од анализата е дека претприемачката активност во рана фаза (TEA – total-early stage entrepreneurial activity) нема статистички значајно влијание врз економскиот раст, а етаблираните претприемачки бизниси или т.н. воспоставена деловна сопственост (EBO – established business ownerships) имаат позитивно влијание врз растот на БДП.

Трудот на Рејхан Сулејман е објавен на веб-страницата на Народната банка.

Народната банка ја доделува Годишната награда за млади истражувачи веќе петнаесет години заради стимулирање на развојот на научната мисла во земјата и афирмација на младите стручни кадри. Конкурсот за годинешната награда беше објавен кон средината на минатата, а трудовите се доставуваа до 1 февруари оваа година. Во согласност со стандардно утврдените правила, право на учество на конкурсот имаат авторите од земјата на возраст до триесет и пет години, при што секој автор може да конкурира само со еден труд, кој задолжително треба да содржи и осврт кон македонската економија на соодветната тема. На годинешниот конкурс беа уредно пристигнати и разгледани четири труда од млади истражувачи.

Во согласност со досегашната практика, наградениот труд „Влијанието на претприемaштвото врз економскиот раст во земјите во транзиција и во земјите од регионот МЕНА (Среден Исток и Северна Африка): со осврт на Северна Македонија“ ќе биде презентиран во рамките на активностите на Клубот на истражувачите, на сесијата што ќе се одржи во јуни.

Спонзорирано: