11.8 C
Скопје
28. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КОРОНАВИРУССВЕТ

Унгарија ќе вакцинира 40 проценти од населението до средината на следната недела

Унгарија ќе вакцинира 40 проценти од населението до средината на следната недела и ќе ја отвора економијата сè повеќе, изјави денеска премиерот Виктор Орбан за државното радио.

Имунизацијата ќе и овозможи на владата да отвори голем број дејности во јавниот сектор, што ќе биде враќање на нормалниот живот, додаде премиерот на Унгарија.

Од следната недела сопствениците на сертификати за вакцинација ќе можат да одат во хотели, ресторани во затворено, кина, спортски сали, спортски настани, бањи и на други места, додаде Орбан.

Во претходните недели, Унгарија, земја со 10 милиони жители, имаше многу заболени и процентот на смртност беше најголем во светот до четвртокот, објави „Ројтерс“, повикувајќи се на страницата „worldometers.info“

Орбан, кому му претстојат избори следната година, се бори да балансира помеѓу борбата против пандемијата и растечките повици за отворање на економијата и да се избегне голема рецесија втора година по ред.

„Со четири милиони вакцинирани, а мислам дека ќе ги имаме до среда или четврток, ќе отвориме голем број дејности за оние кои имаат картички за вакцинација“, рече Орбан.

Бројот на хоспитализирани и пациенти на респиратори опадна, бидејќи Унгарија минува низ една од најбрзите програми за вакцинирање, според податоците на Европската Унија.

Со големи пратки кинески и руски вакцини, како и прилив на западни вакцини, Унгарија наскоро ќе може да вакцинира малолетни лица и Унгарци кои живеат во странство.

Унгарија беше критикувана за купување вакцини од Исток пред да добие одобрение од Европската Унија, но Орбан рече дека бројките го оправдуваат тоа.

„Не ми е гајле дали мачката е црна или бела. Само сакам да го фатам глушецот“, одговори Орбан.

Спонзорирано: