17.8 C
Скопје
20. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КОРОНАВИРУССВЕТ

Шведска може да воведе построги мерки доколку се зголеми притисокот врз болниците

Шведската влада предупреди на нови и построги мерки доколку луѓето продолжат да ги игнорираат постојните ограничувања и препораки во пандемијата на Ковид-19 и да го зголемат притисокот врз здравствениот систем, кој веќе се бори со третиот бран на коронавирусот, пишуваат тамошните медиуми.

Шведска, која најмногу се истакнуваше со воведување доброволни мерки како одговор на пандемијата, забележа речиси најголем број луѓе на интензивна нега од избувнувањето на коронавирусот пред една година.

Единиците за интензивна нега во некои региони се пренатрупани, а бројот на легла достапни за најсериозно болните падна под 20 проценти во целата земја.

„Сега нема простор за живеење како пандемијата веќе да е завршена. Стапката на новозаразени не паѓа сама од себе“, рече министерката за здравство, Лена Халенгрен, на прес-конференција.

Таа ја истакна потребата граѓаните да се придржуваат до постојните правила и препораки и рече дека не ја исклучува можноста за построги мерки доколку ситуацијата се влоши. Таа не објасни какви мерки може да се преземат и што може да ги охрабри.

Инаку, заклучно со денеска, 409 лица се на интензивна нега во Шведска наспроти 560 во екот на смртоносниот прв бран на коронавирусот минатата година.

Шведска, која избегнуваше затворање и ги држеше училиштата, деловните субјекти и рестораните претежно отворени, денеска потврди 7.510 новозаразени од Ковид-19 и 38 смртни случаи, со што бројот на жртвите достигна 13.863 лица.

Податоците за оваа недела на Европскиот центар за контрола на болестите покажуваат дека Шведска е меѓу земјите на Европската Унија со најголем број новозаразени на жител за 14 дена, но и меѓу земјите со најмалку смртни случаи.

Спонзорирано: