14.8 C
Скопје
24. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фото Pixabay/Илустрација
СВЕТ

Опаѓа довербата во кинеската вакцина поради недостаток на информации

Масовните програми за јавно вакцинирање со кинеската вакцина против коронавирус се во тек во Индонезија и Турција, каде се очекува милиони луѓе да ја примат вакцината КоронаВак, произведена од пекиншката компанија „Синовак“. Индонезискиот претседател Јоко Видодо ја прими првата доза на КоронаВак, откако владата одобри употреба во итни случаи. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган објави дека и тој бил вакциниран, пренесува Си-Ен-Ен.

Вакцинацијата продолжува и покрај се поголемиот број прашања во врска со ефикасноста, кои по неодамнешните испитувања во Бразил минатата недела откриле само 50,38 проценти или значително пониско отколку што покажаа претходните резултати. Оваа стапка на ефикасност едвај го надминува прагот од 50 проценти поставен од Светската здравствена организација и е далеку под 78 проценти објавени од Кина со голема помпа на почетокот на јануари. Очигледното несогласување загрижи некои научници и ја разниша меѓународната доверба во вакцините произведени во Кина.

„ Бидејќи многу земји планираат да ја нарачаат вакцината на „Синовак“ или веќе ја нарачаа, ова може да ја наруши подготвеноста на луѓето да се вакцинираат, бидејќи нејзината корисност е доведена во прашање. Може да биде камен на сопнување“, изјави за Си-ен-ен Јанжонг Хуанг, експерт за кинескиот здравствен систем и висок соработник за глобално здравство при Советот на САД за надворешни односи.

Резултатите од Бразил сугерираат дека КоронаВак е далеку помалку ефикасна од таа на „Фајзер-БионТек“ и на „Модерна“, кои имаат стапка на ефикасност од 95 проценти. Русија тврди дека нејзината вакцина Спутник V е ефикасна 91 процент, додека британската вакцина, развиена од Универзитетите во Оксфорд и АстраЗенека, има просечна ефикасност од 70 проценти. Вакцината на „Синовак“ има помала стапка на ефикасност од нејзиниот кинески конкурент, кој го разви државниот „Синофарм“ и е ефикасен 79,34 проценти.

Кинеските вакцини се сметаат за потенцијално достапни и лесни за дистрибуција. За разлика од тие на „Фајзер-БионТех“ и на „Модерна“, кинеските вакцини не мора да се чуваат во скапи фрижидери.

„Синовак“ потпиша договори со најмалку шест национални влади и планира да обезбеди 46 милиони дози на КоронаВак за Бразил, 50 милиони за Турција и 7,5 милиони за Хонг Конг. Исто така, ќе се испорача суровината за 40 милиони дози или концентрат на вакцини што допрва треба да се спакува во дози, што ќе се произведува локално во Индонезија. Тајланд нареди два милиони дози на КоронаВак и очекува да ги испорача првите 200 000 дози во февруари, додека Филипините наредија 25 милиони дози.

Сепак, по објавувањето на податоците за тестовите во Бразил, другите земји сега ги разгледуваат нивните планови. Министерот за здравство на Сингапур рече дека неговата земја ќе ја анализира вакцината на „Синовак“ пред да ја примени на граѓаните, Сингапур не ја одобрил вакцината, но склучил договор за купување со кинеската компанија. Министерот Ган Ким Јонг рече дека вакцината мора да помине низ регулаторниот процес на Сингапурската управа за здравствени науки.

Малезија исто така ќе побара повеќе податоци од „Синовак“ пред да одобри и плати за вакцината, додека во Хонг Конг, кој веќе има потпишано договор со „Синовак“, виш медицински советник рече дека стручна комисија ќе ја разгледа секоја вакцина врз основа на податоците од клиничкото испитување.

Иако бразилската агенција за регулирање на здравјето Анвиса одобри итна употреба на КоронаВак во неделата, таа соопшти дека нема пристап до важни податоци за вакцината од третата фаза на испитувањето, како што се времетраењето на заштитата, ефектот врз постарите лица и други специфични групи, како што се коморбидитети. Националната програма за вакцинација во Бразил е предвидено да започне на 20 јануари.

И додека владите во Тајланд и Филипините досега јавно ја поддржуваа вакцината на „Синовак“, политичарите во двете земји ги преиспитуваат плановите за нејзино спроведување. Како одговор на зголемената загриженост, тајландските регулатори побараа од „Синовак“ детални информации за клиничките испитувања. „Синовак“ ја бранеше безбедноста и ефективноста на својата вакцина.

Конфузијата околу вакцината на „Синовак“ делумно произлегува од различните стапки на ефикасност и достапните податоци. Турција ја одобри итната употреба на КоронаВак и соопшти дека неговата ефикасност е 91,25 проценти, додека Индонезија објави 65,3 проценти. Во меѓувреме, податоците од Бразил покажаа ефикасност од 50,38 проценти за оние кои претрпеле многу благи случаи на Ковид-19, но стапката се зголеми на 78 проценти за благи до тешки случаи.

Спонзорирано: