Centar.mk – Дознај сѐ!
Centar Македонија ТОП ВЕСТИ

ВМРО ДПМНЕ во уште еден обид незаконски да избере директор на НРТВ (МРТ)?

Претседателката на Програмскиот совет на МРТ (НРТВ), Смилка Јанеска-Саркањац, потврдила за порталот 360 степени дека утре ќе се разгледува одлука за распишување конкурс за избор на нов директор и заменик-директор на МРТ. Ваквиот обид на Програмскиот совет, според професорот по управно право Борче Давитковски е спротивен на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, пренесува порталот.

Некои експерти коментираат дека преку Програмскиот совет, врз кој се уште контрола има ВМРО ДПМНЕ, затоа што сите членови се избрани кога таа партија беше на власт, Христијан Мицкоски се обидува да ја задржи партизираноста на националниот сервис. Ако Советот одлучи да распише конкурс и ако го спроведе извесно е дека ќе биде избран приврзаник на опозицијата, а тоа ќе биде направено спротивно на закон.

Дека нешто е погрешно во целата ситуација потврдува и актуелниот директор на јавниот сервис, Марјан Цветковски, кој за 360 степени предупредува дека таква одлука би можела да ја блокира работата на МРТ. Инаку, Цветковски е избран на позицијата директор токму од овој Програмски Совет и важи за кадар на ВМРО ДПМНЕ. Советот за утре има закажано седница за да одлучи дали ќе биде распишан конкурс за избор на директор.

Но, целосно е спорна законитоста на евентуалното распишување конкурс, со оглед на одредбите од Законот за аудио и адуиовизуелни медиумски услуги, со кои мандатот на актуелниот директор, заменик-директорот и на членовите на Програмскиот совет на МРТ (НРТВ) е продолжен до изборот на нов Програмски совет – постапка која е заглавена во Собранието.

Во членот 43 од Законот за аудио и адуиовизуелни медиумски услуги се наведува: „Постојните членови на Советот и директорот на Агенцијата за аудио и адуиовизуелни медиумски услуги, како и членовите на Програмскиот совет и директорот и заменик на директорот на МРТ ја вршат функцијата до изборот на членови на Советот и директор на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, како и членови на Програмскиот совет и директор и заменик на директор на МРТ“,

„Одредбата е јасна. Прво да се изберат органите, па директорите. Ним по сила на закон им е продолжен мандатот. Не може да бираат нов директор кога на постоечкиот му е врзан мандатот со мандатот на Програмскиот совет. Тие имаат мандат до избор на нов Програмски совет, којшто ќе распише оглас за избор на нов директор. Законодавецот тогаш по сила на закон им го продолжил мандатот се до нов избор“, вели Давитковски за 360 степени.

Актуелниот директор на МРТ (НРТВ), Марјан Цветковски, смета дека законот е јасен. Тој предупредува дека евентуален избор на негов наследник, пред Собранието да го изгласа новиот состав на Програмскиот совет, може да има негативни последици врз работата на јавниот сервис.

„Сериозен проблем е како Советот ќе постапи – дали според закон или по нивно некакво убедување. Јас и досега сум ги почитувал одлуките на Програмскиот совет, но треба да се има предвид дека една таква одлука е сериозно дискутабилна и може да предизвика сериозни последици во понатамошното функционирање“, вели Цветковски за „360 степени“.

Инаку, изборот на нови раководни тела на МРТ и на АВМУ е во процедура во Комисијата за избори и именувања, уште за време на претходниот состав на Собранието, кога со ова тело раководеше пратеник од опозицијата.

Претседателот на Комисијата, Костадин Костадинов, за „360 степени“ вели дека со оглед на новиот собраниски состав, постапката за избор на членови на раководните органи на МРТ и на АВМУ ќе мора да почне одново.

„Согласно Деловникот, сите акти што се преземени од претходен парламентарен состав, со изборот на нов, прекинуваат и мора да се распишат одново. Во духот на демократските вредности, во координација и комуникација со координаторите на пратеничките групи во Собранието и претседателот на Собранието, Талат Џафери, а согласно со нашите деловнички можности и законски обврски, ќе делуваме по овие две точки“, изјавил Костадинов.

Во актуелниот состав на Програмскиот совет на МРТ, покрај Јанеска-Саркањац и Мемедалија, членуваат и Снежана Клинчарова, Ристе Панов, Златко Јанковски, Ивана Трајковска, Косана Мазнева-Николиќ, Јагнула Куновска, Анита Латифи, Гајур Рамадани, Илир Рамадани и Селпим Керим. Што би се рекло, голем дел од нив проверена постава на ВМРО ДПМНЕ, па затоа коменатарите се дека опозицијата надвор од законот сака да инсталира свој директор во јавниот серивс.