Секогаш во средиштето на збиднувањата...

„Не сакаат да признаат дека вирусот постои“ – медицинска сестра од САД откри што зборуваат пациентите заразени со коронавирус пред смртта

Медицинската сестра Џоди Доринг, од Јужна Дакота, за „Си-ен-ен“, раскажала дека некои од нејзините пациенти заразени со ковид 19, дури ни пред самата смрт, не сакале да признаат дека коронавирусот постои.

„Многу ми е тешко да ги гледам како некои од луѓето, сè уште не сакаат да признаат дека коронавирусот постои, иако доаѓаат во амбулантата со многу тешки симптоми. Тие сакаат некаков волшебен лек и одбиваат да поверуваат дека имаат ковид 19“, вели Џоди.

Таа објаснува и зошто сега се решила, ваквите сведоштва да ги пренесе во јавноста и зошто јавно тоа го напишала на „Твитер“.

„Постои причина зошто сега се решив да напишам за ова на „Твитер“. Се работи за еден пациент, кој беше издвоен случај. Имаше многу пациенти, на кои последните зборови пред смртта им беше дека ова не се случува и дека тоа што им се случува не е реално. Наместо своите последни моменти да ги поминат со семејството, тие беа полни со горчина. Тоа ме растажуваше секој ден. Не можев да верувам дека тоа ќе бидат нивните последни мисли и зборови“, објаснила таа.

Џоди вели дека понекогаш пациентите му се лутат на медицинскиот персонал. Кога една новинарка ја прашала сестрата, дали таквите пациенти се љутат на неа, таа и одговорила дека тие всушност се љутат на целокупната ситуација.

Но, бидејќи не веруваат во ковид 19, тие често својот гнев го насочуваат кон медицинскиот персонал.

„Тоа е во ред. Ние тоа можеме и се навикнавме да го поднесуваме. Затоа и сме тука. Проблемот е во целокупната слика, односно кога ќе се обидете да ги вразумите луѓето. Да речеме, понекогаш знам да ги прашам пациентите, дали сакаат да ги побараме нивните сопрузи, сопруги, деца, семејството. Тие само ќе ни одговорат дека не терба и дека ќе бидат добро. И тогаш станувам тажна, се фрустрирам. Па морам да го прифатам нивното однесување, затоа што знам дека повторно ќе се соочам со таква ситуција“, одговорила медицинската сестра.

Џоди објаснува дека некои од пациентите велат дека повеќе би можеле да истрпат и посакуваат да бидат заболени со воспалени бели дробови или пак да боледуваат од рак.

Новинарката Алисин Камерота, ја прашала Џоди, што размислуваат пациентите, од што тие мислат дека боледуваат.

„Мислам дека бараат спас во било што. Сакаат тоа да биде воспалени бели дробови. Некои дури и ми говорат дека имаат рак на белите дробови, а не коронавирус. Јас им објаснувам дека имаат ковид 19, но тие не сакаат да поверуваат во тоа дури ни откако ќе ги добијат позитивните резултати од тестирањата. Се разбира, не се сите такви. Имаме многу пациенти кои се силно благодарни и разумни, но за нив не размислувам премногу. Сакам како медицинска сестра да доживеам голем број на позитивни моменти, каде на луѓето ќе им го спасиме животот, а не да се соочуваме постојано со вакви ситуации“, вели Џоди.

„Често се чувствувам како да сум во некаков хорор филм, кој никако да заврши. Кој постојано да почнува од почеток. Тоа е тажно и така се чувствуваат сите лекари и медицински сестри во државата. Луѓето се разболуваат на ист начин, ги лечиме на ист начин, умираат на ист начин и потоа сè од почеток. Благодарна сум за сè што научив и што имав можност да им помогнам на луѓето, но реалноста е таква што ситуацијата со коронавирусот, сè уште не се движи кон подобро“, вели Џоди.

МАРКЕТИНГ