Секогаш во средиштето на збиднувањата...

Филипче најави: Примени првите пациенти во монтажната болница, кога ќе се наполни сѐ, воведуваме полициски час

Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче, вечерва во вестите на Канал 5 телевизија информираше за состојбата со болничките капацитети и изјави дека од денеска се сместени пациенти во модуларната болница до Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје.

„Болничките капацитети забрзано се исполнуваат. Се преполнија некои болници. Нема слободни болнички кревети во повеќе инфективни одделенија во државата, во болницата во Куманово, Штип, Струмица. Почна да се полни одделението во Кавадарци и во Гостивар. Во Прилеп и Битола менаџираме помеѓу двата центри. Во Охрид добро се менаџира бројот на хоспитализации и тука имаме слободни болнички кревети. Од денеска се сместени пациенти во модуларната болница кај Инфективната клиника. Болничките капацитети се еден од главните параметри. Ако ние оцениме дека овие капацитети кои се димензионирани да бидат резерва се исполнуваат тогаш дефинитивно ќе препорачаме целосна рестрикција во движењето, односно полициски час“, потенцираше министерот Филипче.

Филипче истакна дека нашата земја ги следи препораките на Светската здравствена организација. Принципите на превенција насекаде во сите земји се истите. Никаде нема различни мерки и препораки. Има различен временски период и интензитет со кои тие се препорачуваат и импелентираат согласно епидемиолошката состојба.

„Мерките за заштита од ковид-19 мора итно да се донесат. Апелирам до сите пратеници да покажат одговорност и да ги изгласаат промените во Законот за заштита на населението од заразни болести што поскоро. Да се покаже единство, нека се донесе законот едногласно за да се покаже колку е важно за сите граѓани почитувањето на заштитните мерки. Мерките не се ништо ново. Се имплементираат во многу европски земји. Почитувањето на мерките кои и сега се на сила значајно придонесуваат да се запре ширењето на инфекцијата. Пред нас е најризичниот период од неколку месеци, есенски и зимски месеци во коишто може да се комплицира епидемиската ситуација во земјата и со дополнителен број на случаи од други заболувања, сезонски грип и настинки. Почитувањето на мерките, носењето на маските и одржувањето на дистанца освен што значи заштита на сопственото, јавното здравје, здравјето на најблиските, значи и почит кон работата на здравствените работници кои деноноќно од почетокот се борат со оваа криза“, рече Филипче.

Маркетинг