Украинската интернет ѕвезда, Дмитриј Стужук кој тврдеше дека вирусот Ковид-19 не постои почина како последици од оваа болест и тоа на возраст од 33 години.
Со вирусот се инфицирал во Турција. Кога се вратил во Украина излегол позитивен на тестот и завршил во болница. По осум дена бил пуштен дома, а потоа имал компликации со срцето кои биле последици на вирусот.
Поранешната сопруга на инфлуенсерот вчера објави дека тој починал.
„Димитриј повеќе не е со нас, неговото срце не издржа“, напиша Софија и додаде дека зад него “останале само добри спомени, три преубави деца и драгоцено искуство“. Тие двајца се развеле само шест месеци пред тој да се разболи.
Додека Стужук престојуваше во болница на Инстаграм објави фотографија од болничкиот кревет. Напиша дека еден ден се разбудил во Турција тешко дишејќи, а вратот му бил отечен.
„Сакам со вас да споделам дека се разболев и сакам да ги предупредам сите. Бев меѓу оние кои мислеа дека короната не постои, се додека сам не се разболев. Короната не е само краткотрајна болест, и не е воопшто наивна“, напиша тој во објавата каде се гледа како лежи во болнички кревет и прима терапија со кислород.