Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Бизнис

Мега скандал го тресе банкарскиот сектор

Дел од најголемите светски банки им дозволувале на криминалци да префрлаат незаконски стекнати пари во висина од околу 2 милијарди долари, покажуваат документите што „протекоа“ онлајн.

Според BBC, документите покажуваат дека руски олигарси ги користеле банките за да избегнат санкции, иако токму овие институции требало да ги спречат да ги префрлаат парите на Запад.

Ова најновата во низата афери во изминативе пет години во кои преку неовластено објавени информации беа разоткриени тајни бизниси, перење пари и финансиски криминал

Таканаречените FinCEN фајлови се состојат од над 2.500 документи, од кои повеќето се документи што банките ги праќале на американските власти во периодот од 2000 до 2017 година.

Во овие документи се содржат некои од најстрого чуваните тајни во меѓународниот банкарски систем. Покажуваат дека најголемата британска банка HSBC им дозволувала на криминалци да префрлаат милиони долари украдени пари ширум светот, дури и откако била информирана од американски истражители дека станува збор за финансиска измама.

Американската инвестициска банка JPMorgan Chase ѝ овозможила на една компанија да префрли повеќе од 1 милијарда долари преку лондонска сметка, без да знае кој е сопственикот. Банката подоцна открила дека можно е компанијата да е во сопственост на мафијаш кој е на листата најбарани криминалци на ФБИ.

Во „протечените“ документи исто така наводно има докази дека еден од најблиските соработници на рускиот претседател Владимир Путин ја користел инвестициската банка Barclays со седиште во Лондон за да избегне санкции што требало да го спречат да користи банкарски услуги на Запад. Дел од парите бил искористен за купување уметнички дела.

Документите покажуваат и дека Централната банка на Обединетите Арапски Емирати не реагирала на предупредувањата за локална компанија која му помагала на Иран да ги забиколи санкциите.

Се наведува дека и Deutsche Bank префрлала „валкани“ пари стекнати со организиран криминал, од терористи и шверцери на дрога.

Фајловите покажуваат дека и британска Standard Chartered префрлала пари за арапска банка повеќе од 10 години, иако знаеле дека сметките на клиенти во јорданска банка биле користени за финансирање тероризам.

Документите „протекоа“ преку BuzzFeed и биле веднаш споделени со група што ја сочинуваат истражувачки новинари од целиот свет, а која потоа ги споделила со 108 новински организации во 88 земји.

Банките се обврзани да пријават преку SAR извештај ако се сомневаат дека некој од нивните клиенти се занимава со нелегални дејствија, а потоа тој извештај се испраќа до соодветните служби. На овој начин, банките помагаат да се спречи перење пари или префрлање на нелегално стекнати пари на начини и со цели што се противзаконски.

Според законот, банките мора да знаат кои им се клиенти. Не е доволно само да се поднесе SAR извештај и да се земаат валкани пари од клиентите и да се очекува дека службите ќе се занимаваат со проблемот. Ако се посомневаат во валкано работење веднаш треба да прекинат со трансакции.

Можеби ќе ве интересира

Серија апсења низ Македонија – Полицијата ги полни затворите со криминалци

CENTAR MKD

Важна вест за пензионерите – еве кога и како ќе биде исплатена септемвриската пензија

CENTAR MKD