Секогаш во средиштето на збиднувањата...

ФБИ: Русите ќе се вмешаат во изборите, тие имаат свој кандидат за претседател на САД

фото: Pixabay

Директорот на американскиот ФБИ, Кристофер Реј, вели дека Русија не се откажува од намерата да влијае на резултатот од претседателските избори во САД во ноември. Според наодите на американските разузнавачки служби, главната цел на Москва е да и наштети на кампањата на демократскиот кандидат Џо Бајден и на она што се смета како антируски естаблишмент.

Реј зборуваше пред членовите на Комитетот за национална безбедност во Претставничкиот дом и опиша дека операциите на Кремљ се многу активни на социјалните мрежи, државната телевизија во Русија и на другите платформи.

Изјавата на директорот на ФБИ е во согласност со проценките што се појавија на почетокот на август, а беа објавени од највисокиот службеник за контраразузнавање во Америка, Вилијам Еванина.

Тој предупреди дека Русите сакаат да и помогнат на кампањата на Доналд Трамп, што директорот на ФБИ не го кажа експлицитно, и наместо тоа се фокусираше на дезинформациите што ги погодуваат американските гласачи.

„Она што најмногу ме загрижува е постојан обид за ширење дезинформации и чести мали сајбер напади. Загрижен сум дека ова ќе доведе до пад на довербата кај американските гласачи со текот на времето”, рече Реј.

Одговарајќи на прашања во Конгресот, Реј рече дека нема причина за грижа во врска со зголемениот број гласови што ќе пристигнат по пошта поради пандемијата.

„Досега не видовме координиран обид за измама на гласачите на изборите“, рече директорот на ФБИ.

Претседателот Трамп во серија твитови предупреди дека гласањето по пошта ќе заврши како „изборна кражба“ и ќе доведе до „масовен хаос и конфузија“.

спонзорирано: