11.8 C
Скопје
25. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КОРОНАВИРУССВЕТТОП ВЕСТИ

Стотици луѓе починале од лажни информации за коронавирусот

Во првите три месеци од оваа година најмалку 800 луѓе во светот починале поради дезинформации за коронавирусот, објавија научниците. Според резултатите од студијата објавена во американското списание American Journal of Tropical Medicine and Hygiene, речиси 5.800 лица се хоспитализирани поради последиците од верувањето на лажните информации на социјалните мрежи, пренесува Би-би-си.

Многумина починале кога пиеле метанол или средства за чистење на база на алкохол погрешно верувајќи дека овие производи го штитат или би го излекувале вирусот.

Светската здравствена организација предупреди дека епидемијата на лажни вести или „инфодимија“ поврзана со Ковид-19 се шири толку бргу како и самиот вирус, а теориите на заговор, шпекулациите и стигматизацијата во општеството на болните придонеле за смрт и повреди.

Многу жртви следеле совети што личат на веродостоен здравствен совет – како што се јадење големи количини лук и пиење големи количини витамини како начин за спречување на инфекција, велат авторите на студијата. Други пиеле пијалоаи, како урина од крави. Ваквото однесување би можело да има сериозни последици врз здравјето на овие луѓе, предупредуваат научниците.

Тие заклучуваат дека меѓународните тела, владите и социјалните мрежи треба да се борат со епидемијата на лажни информации. Технолошките компании што управуваат со социјалните мрежи се критикувани дека реагираат бавно и недоволно на проблемот, а законодавните тела исто така се бавни за регулирање на одговорноста за ширење лажни вести.

Според студијата спроведена од Би-би-си, пронајдени се врски помеѓу дезинформациите за вирусот и нападите, подметнување пожар или смрт. Шпекулации што се ширеа на интернет во Индија довеле до напади или до масовни труења во Иран.

Телекомуникациските инженери доживеале закани и биле нападнати, а телефонските столбови биле запалени поради теориите на заговор што се ширеле преку интернет. Социјалните мрежи им овозможиле на измамниците да ја искористат пандемијата со продажба на неефикасни антивирусни агенси, така што луѓето плаќале пари за т.н. чудесни минерални препарати и добиле разредено белило.

Како што се приближува денот кога ќе се појави на пазарот првата вакцина против коронавирусот, противниците за вакцинирање би можеле да ги убедат луѓето да не се вакцинираат преку социјалните медиуми.

Придобивките од вакцинацијата може да бидат поткопани со дезинформации, предупредуваат лекарите. И покрај фактот дека социјалните мрежи сега ги отстрануваат или обележуваат како неточни сите дезинформации за коронавирусот, неодамнешното истражување во САД покажа дека 28 проценти од Американците веруваат дека американскиот милијардер Бил Гејтс сака да имплантира микрочипови кај луѓето со помош на вакцини.

Спонзорирано: