9.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КОРОНАВИРУСТЕМАСВЕТТОП ВЕСТИ

Бројот на заразени од коронавирус надмина 20 милиони

Бројот на луѓе што се заразиле од коронавирусот во светски рамки надмина 20 милиони и сега изнесува 20.023.522, објави страницата за статистика „Ворлдометерс“.

Од почетокот на епидемијата од компликации починале 733.995 луѓе, а речиси 13 милиони закрепнале.

Во моментот активни се 6.391.539 случаи, а еден процент од вкупниот број пациенти се во критична состојба.

Најлоша е состојбата во САД, Бразил и во Индија, кои бележат повеќемилионски случаи на инфекција, а потоа следуваат Русија, Јужна Африка, Мексико и Перу.

Од европските земји, покрај Русија, најлоша е ситуацијата во Шпанија, каде што од појавата на вирусот се разболеле 361.442 лица, а починале 28.503 лица, односно оваа земја е на 10. место во светот по бројот на заболени.

Италија, која своевремено беше втора по бројот на инфекции, сега е на 16. место со 250.566 заболени и 35.205 смртни случаи.

Во регионот ситуацијата е сè уште најтешка во Романија, каде што регистрирани се 61.768 случаи на инфекција и 2.700 починати поради што земјата е на 41. место во светот, а потоа следува Србија, која е на 60. место со 28.099 регистрирани пациенти и 641 смртен случај.

Кина, каде што првпат се појави вирусот, бележи 49 нови случаи, вкупно се разболеле 84.668 лица, а 4.634 починале.

Кога станува збор за земјите од Блискиот Исток, најтешка е ситуацијата во Иран, каде што вкупно 326.712 лица се разболеле, а 18.427 пациенти починале.

Најдобра е состојбата во карипските земји Сент Пјер и Микелан и Ангвила, каде што се пријавени само четири, односно три случаи на зараза.

Северна Кореја нема пријавено случаи на Ковид-19.