Секогаш во средиштето на збиднувањата...

Филипче: Се подготвуваат 16 мини инфективни одделенија, брза дијагностика, отворен нов контролен и координативен Центар

Министерот за здравство, доц. д-р Венко Филипче, во вчерашното гостување во емисијата „Само вистина“, на Канал 5 Телевизија изјави дека здравствениот систем веќе два месеца интензивно се подготвува за есенските месеци со зајакнување на постојните јавно-здравствени установи за третман на пациентите со коронавирус. Тој истакна дека дел од активностите се реализирани, а дел треба да се реализираат.

„Веќе е инсталирана модуларна болница до Инфективната клиника. Тоа е капацитет од 70 кревети. Со тоа сериозно се зголемува капацитетот на Инфективната клиника, која има 110 болнички кревети. Понатаму, зголемување на бројот на болнички капацитети во сите 16 болници по овој модел. Со тоа, тие 16 болници би добиле вакви модуларни мини инфективни одделенија со цел самите болници, со сега посебните објекти, да останат целосно „чисти“ за да може нормалната патологија што се работи едноставно да не трпи – пациентите да можат да добијат здравствена услуга, да не се креираат листи на чекање. Исто така, ќе се инсталираат на апарати за дијагностика во сите овие центри за брза дијагноза на вирусот.“, потенцираше министерот Филипче.

Тој информираше дека вчера се отвори нов Центар за дејствување во услови на епидемии и други јавно-здравствени вонредни ситуации.

„Од вчера првпат функционира новиот контролен и координативен Центар во рамките на Министерството, којшто го отворивме со помош на Светската здравствена организација и каде електронски ќе почнат да се собираат и анализираат сите епидемиолошки податоци од прашалниците, кои ќе се дистрибуираат до соодветните служби до санитарниот инспекторат, Министерството за внатрешни работи. На тој начин многу се олеснува работата, но и увидот во овој епидемиолошки дел од целата оваа стратегија“, рече министерот Филипче.

Министерот Филипче изјави дека лекувањето пациенти во одделот за интензивна нега на респираторна машина без разлика од која причина, е медицина во мало, и во неа се вклучени врвни експерти.

„Одговорно можам да кажам дека за секој еден пациент е направено се што треба и во однос на стадиумите пред поставувањето во респираторна машина, и во однос на третманот додека се пациентите на респираторна машина. Сите врвни експерти во нашата држава се вклучени во лекувањето преку системот за консултација, па дури и физичко присуствуваа. И анестезиолозите по систем на ротација се присутни во одделенијата каде што се лекуваат пациентите од Ковид-19, коишто се поставуваат на респираторна машина, тоа се експерти со големо искуство во ракувањето со овие машини, затоа што тоа бара и одредено познавање на самата машина, но и во типот на лекување. Тоа лекување на пациент во интензивна нега на респираторна машина без разлика од која причина е – ќе кажам – медицина во мало. Тука се обединети знаења и искуства од многу специјалности.“, посочи Филипче.

спонзорирано: