Секогаш во средиштето на збиднувањата...

Австралија е прва земја во светот каде што „Гугл“ и „Фејсбук“ ќе треба да плаќаат за објава на вести

Австралија ќе ги принуди технолошките гиганти како „Фејсбук“ и „Гугл“ да ги плаќаат австралиските медиуми за објавените вести, потег кој е насочен кон заштита на независното новинарство и кој будно ќе се следи од засегнатите страни низ целиот свет.

Австралија ќе стане првата земја што ќе побара од интернет-компаниите да им плаќаат на медиумските куќи за информативните содржини, според модел сличен на авторските права, а тоа годинава ќе биде регулирано и со закон, соопшти министерот за финансии Џош Фрајденберг.

„Би било фер за работењето на австралиските медиуми. Треба да обезбедиме поголема конкуренција, подобра заштита на потрошувачите и одржливо медиумско опкружување“, рече Фрајденберг пред новинарите во Мелбурн. Тој оцени дека ова е прашање со кое се одлучува иднината на австралиското медиумско опкружување.

Овој потег уследи откако технолошките гиганти почнаа да се бранат од построгите регулативи ширум светот и еден ден откако американските претставници на конгресното сослушување ги нападнаа „Гугл“ и „Фејсбук“ за злоупотреба на пазарната моќ.

По истражувањето на медиумскиот пазар и моќта на американските платформи, австралиската влада кон крајот на минатата година побара од „Фејсбук“ и „Гугл“ да се договорат со медиумите во врска со користењето на нивните содржини.

Преговорите не дадоа плод, па Канбера објави дека доколку не се постигне договор во арбитража во рок од 45 дена, австралиската агенција за комуникации и медиуми ќе донесе законски обврски во име на владата.