23.8 C
Скопје
29. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Мосад осуетила ирански заговор за напади на израелските амбасади во целиот свет

Израелската разузнавачка агенција Мосад осуетила заговор за напад врз повеќе израелски амбасади, објави израелскиот „Канал 12“ на хебрејски јазик.

Заговорот, зад кој наводно стои Иран, вклучувал амбасади во Европа и во целиот свет, иако списокот со земји во кои требало да се извршат нападите бил цензуриран од израелските власти. Не се објавени детали за заговорот и не посочени изворите на информациите.

Иран допрва треба да го коментира наводниот заговор. Сепак, во 2012 година Израел ја обвини Исламската Република за слична шема во која беше вклучена либанската милитантна група Хезболах и предвидуваше напади врз израелските дипломати во Индија и Грузија. Во тоа време Иран категорично ги отфрли обвинувањата нагласувајќи дека ги осудува сите акти на тероризам и обвинувајќи го ционистичкиот режим за водење пропагандна војна.

Четири лица беа повредени во нападот во Њу Делхи. Грузиската полиција спречи обид за напад со автомобил бомба во Тбилиси. Нападите во 2012 година се случија како реакција на атентатите организирани од Мосад на иранските нуклеарни научници, при што петмина научници беа убиени и еден преживеа во низата напади меѓу 2010 и 2012 година.

Извештајот на „Канал 12“ доаѓа во услови на зголемени тензии меѓу Иран и Израел по пожарот и експлозијата на 2 јули 2020 година во фабриката за производство на центрифуги за збогатување ураниум во нуклеарниот коплекс „Натанз“ во Иран. Претходно, непозната група наречена „Гепарди на татковината“ наводно ја презела одговорноста за саботажата.

Подоцна, кувајтските медиуми директно го обвинија Израел за вмешаност во експлозијата тврдејќи дека израелските разузнавачки служби извршиле компјутерски напад врз објектот. Во неделата „Њујорк тајмс“ објави, повикувајќи се на разузнавачки извор, дека Израел е одговорен за експлозијата во објектот.

Во неделата израелскиот министер за одбрана, Бени Ганц, навести дека Израел не бил вмешан во експлозијата тврдејќи дека сè што се случува во Иран не е поврзано со Израел. Но, истиот ден министерот за надворешни работи, Габи Ашкенази, рече дека Израел ќе продолжи да работи за да го спречи Иран да добие нуклеарна бомба и дека Тел Авив презема активности за кои е подобро да не се зборува. Ашкенази не го спомена директно инцидентот во „Натанз“.

Иран вети изградба на поголема и понапредна фабрика за замена на оштетените постројки за збогатување ураниум.

Израелските власти во неколку наврати ја предупредија меѓународната заедница за наводната потрага на Иран по нуклеарно оружје, при што Нетанјаху успешно лобира во администрацијата на Трамп да се повлече од нуклеарниот договор во Иран во 2018 година истакнувајќи дека Тел Авив нема да дозволи Иран да изгради нуклеарна бомба.

Иранските власти ги отфрлија обвиненијата на Израел, а министерот за надворешни работи, Мохамед Џвад Зариф, во повеќе наврати посочуваше дека Израел е единствената држава со нуклеарно оружје во регионот.

Техеран тврди дека нема намера да направи нуклеарно оружје. Според најновите податоци на Меѓународната агенција за атомска енергија, нивото на збогатување ураниум во земјата е на 4,5 отсто, малку под проценетата чистота од 80-90 отсто потребни за изградба на нуклеарно оружје.

Спонзорирано: