Секогаш во средиштето на збиднувањата...

Расте бројот на заразени во САД, Лос Анџелес е ново жариште на пандемијата

фото: Pixabay

Калифорнија и Тексас бележат рекордно зголемување на бројот на нови инфекции, покажуваат податоците на „Ројтерс“, а Лос Анџелес, вториот по големина американски град, објави алармантно дневно зголемување и досега има над 100.000 случаи на коронавирус.

Лос Анџелес е новиот епицентар на пандемијата поради зголемувањето на бројот на заразени и хоспитализирани, а гувернерот на Калифорнија нареди затворање на кафулињата. Жителите мора да носат маски на речиси сите јавни места.

„Алармантниот пораст на случаи е знак дека, како заедница, треба да преземеме итна акција и да го забавиме ширењето на Ковид-19“, рече Барбара Ферер, директор за јавно здравје во округот Лос Анџелес.

Градоначалникот на Лос Анџелес, Ерик Гарсет, најави „голема пауза“ пред да донесе одлука за отворање на кината, тематските паркови и други места за забава.

Плажите ќе бидат затворени за викендот на Денот на независноста, а огнометите се забранети.

Калифорнија со рекордни 7.418 нови инфекции на ден има вкупно 223.000 заразени. Тексас исто така има рекорден број на новозаразени на дневна основа – 6.545, а сега има речиси 160.000 заразени во државата.

Тексас и Флорида наредија повторно затворање на кафулињата во петокот.

Гувернерот на Аризона, Даг Дуси, во понеделникот нареди затворање на кафулињата, ноќните клубови, спортските сали, кината и водните паркови најмалку 30 дена.

Гувернерот на Канзас, Лора Кели, воведе обврска за носење маски на јавни места.

Во јуни 22 држави на САД објавија рекордно зголемување на случаите на новозаразени, честопати повеќекратни, вклучувајќи ги Алјаска, Арканзас, Монтана, Северна Каролина, Орегон.