4.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КОРОНАВИРУСМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Донирани околу еден милион евра на сметката на Министерството за здравство

На наменската сметка на Министерството за здравство за донации за борбата со коронавирусот до сега се пристигнати средства во висина од речиси еден милион евра, поточно 59.300.000 денари.

Министерството за здравство изразува голема благодарност до сите компании, поединци, организации, институции, амбасади кои со донации во опрема, добра и парични средства даваат поддршка во напорите на здравствените институции за справување со состојбата со Ковид-19 во земјата. Особена благодарност МЗ упатува за потврдените донации од Европска Унија во вредност од 4 милиони евра и на САД, кои преку УСАИД донираат 1,1 милиони американски долари за справување со коронавирусот.

Донациите во опрема и добра за Министерството за здравство вклучуваат медицинска опрема за потребите на Инфективната клиника, Клиниката за детски болести, Клиника за неврохирургија, КАРИЛ, како и за други здравствени институции, и тоа: апарати за механичка вентилација, рендген-апарати, бронхоскоп, респиратори, инфузиомати, ЕКГ-апарати, дефибрилатори, аспиратори за сукција, пациент-монитори за инванзивно мерење притисок, батерии за рендген-апарати, апарати за лабораторија, кислородни маски, пулсоксиметри, китови за тест корона, апарати за прочистување воздух, значителна количина заштитни очила, визири, скафандери, маски, потребни лекови и медикаменти, потрошен материјал, како и немедицинска опрема и други потреби пред сè на Инфективната клиника – возила, машини за перење, сушење, бојлери за топла вода, кревети, фолија за маневарска болница, пешкири, постелнини, козметички производи, вода, софтверска апликација.

Дел од материјалите и апаратите се веќе пристигнати, а дел се нарачани од донаторите и во текот на наредната недела се очекува пристигнат во Инфективната клиника и на другите локации според потребата.

За сите поединци или компании кои се заинтересирани да донираат заштитна опрема, медицинска опрема или медицински помагала или материјали, како и какви било други средства, добра и услуги кои се потребни за справување со коронавирусот, тоа може да го направат во директна соработка со одговорните од Министерството за здравство. Конкретни инструкции за постапката за донација може да се добијат со контактирање на одговорното лице на адресата на е-пошта: sandra.velovska@zdravstvo.gov.mk.

Наменските сметки за донација на Министерството за здравство може да се најдат на http://zdravstvo.gov.mk/ministerstvoto-za-zdravstvo-otvori-posebni-smetki-za-donacii-mozhe-da-se-doniraat-parichni-sredstva-no-i-oprema-soglasno-listata-na-prioriteti-na-ministerstvoto/