21.8 C
Скопје
28. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТИЗБОР

ЕУ: На Западен Балкан пандемијата се користи за промоција на антиевропски ставови

Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) оцени дека кризата во врска со пандемијата на коронавирус на Западен Балкан се користи за да се тврди дека Европската унија „му врти грб“ на регионот.

„Во Западен Балкан, кризата се користи за зајакнување на постојниот наратив дека ЕУ врти грб на тој регион во кој продолжуваат да ги прицврстуваат теориите на заговор дека коронавирусот е биолошко оружје на САД“, се вели во извештајот на ЕЕАС во специјален извештај за дезинформации во врска со пандемијата.

„Извори блиски до Кремљ, како и неколку локални извори во земји членки на ЕУ, земји од Источното партнерство, Западен Балкан, Блискиот исток и африканските земји, тврдат дека ЕУ не успева да се справи со пандемијата и е близу да се распадне, дека е себична и дека ги издава своите вредности, додека, спротивно на ЕУ, Русија и Кина се одговорни сили, како и дека ЕУ ја користи кризата за остварување на своите интереси“, се вели во извештајот.

„Тврдењата дека ЕУ се распаѓа заради кризата со коронавирусот, доминираат на социјалните мрежи во сите анализирани региони“, наведува ЕЕАС.

Во извештајот се додава дека во светот продолжува ширењето на дезинформации поврзани со пандемијата на коронавирус, со потенцијално штетни последици за јавното здравство.

„Во ЕУ и на други места, целта на координираните дезинформации е да се посочат ранливите малцинства како причина за пандемијата и да се поттикне недоверба во можноста на демократските институции да понудат ефективни одговори“, се наведува во извештајот.

Се додава дека некои држави и актери поддржани од државите имаат тенденција да ја искористат здравствената криза за остварување на геополитичките интереси, честопати директно доведувајќи го во прашање кредибилитетот на Европската унија и нејзините партнери.

Во текстот посветен на извештајот за ЕЕАС, бриселскиот портал „Еурактив“ наведува дека ЕУ во понеделникот одобри пакет помош од 38 милиони евра за Западен Балкан, од кои повеќето, 15 милиони евра, ќе одат во Србија, „најтешко погодената земја во регионот“.

И покрај ова, наведува „Еурактив“, на билбордите во Србија изразуваат благодарност само до кинескиот претседател Си Џинпинг, со зборовите „Благодарам, брату Си!“./Makfax

Спонзорирано: