21.8 C
Скопје
28. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Трагедија го потресе Охрид: Почина родилката која роди мртво бебе

На Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје доцна синоќа почина пациентка на возраст од 37 години од Охрид, која вчера попладне е донесена во Скопје со возило на брзата помош во фебрилна состојба со мртов плод во стомакот.

„На жената уште веднаш ѝ е направена целосна лабораторија и земен брис за Ковид-19. Лекарите оперативно го извадија плодот, а од стомакот на мајката е евакуиран гној. Можна причина за фебрилноста е септичната состојба на пациентката, но тестот треба да утврди или отфли присуство на коронавирус.

За време на интервенцијата состојбата кај пациентката се влоши, при што таа беше интубирана, се пристапи кон целосна реанимација, но, за жал, во 22 часот е констатирана смрт. Причина за смртта е сепса со масивна тромбемболија, а пациентката ќе биде пратена на обдукација по што ќе има точна дијагноза. Се работи за екстремно дебела пациентка, која во последните 5 месеци воопшто не се ни движела, а во согласност со податоците од докторите во Охрид, пациентката не ги извршувала ни потребните гинеколошки контроли. Сега починатата родилка е донесена без претходна најава од матичен лекар и оставена пред влезот на Клиниката. По измерената телесна температура, таа веднаш е спроведена на посебен влез до одделението за изолација“, соопштија од скопската Клиника за гинекологија и акушерство.

На 30 март на Клиниката е примена и второротка од Куманово на возраст од 27 години, која во 20.15 часот, поради намалена плодова вода и влошена општа состојба, е породена со царски рез. Пациентката е спроведена и породена во изолација поради фактот што таа е сомнителна на Ковид-19 и со упатна дијагноза, која укажува на намалената плодова вода и затоа e најавена и испратена на Клиниката преку својот матичен лекар.

„На пациентката, освен комплетната лабораторија, земен ѝ е и брис за Ковид-19, чиј резултат е стигнат вчера попладне во 18 часот и тој е позитивен на вирусот.
Пациентката роди живо машко новороденче, кое е недоносено и во моментот се наоѓа на интезнивна нега на ГАК. Новороденчето е изолирано и е во добра општа состојба, не е на машина, туку само со кислородна хауба. Денеска на бебето ќе му биде земен брис и ќе се направи тест на Ковид-19.

Пациентката при приемот е без температура, но во својот исказ посочува дека пред 3 дена имала треска и се пожалила на сува кашлица. Пациентката укажа на тоа и дека нејзиниот свекор, исто така од Куманово, е позитивен на Ковид-19. Со пациентката е постапено по сите протоколи за прием на заразен пациент како во однос на нега и третман така и во однос на адекватна заштита на персоналот и изолација на пациентот. Вчера родилката почна да развива потешка клиничката слика, отежнато дишење со намалена сатурација, по што веднаш е префрлена и хоспитализирана на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби“, се додава во соопштението.

Дел од Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје функционира за родилки сомнителни и позитивни на Ковид-19. За таа намена е воспоставен целосен протокол на изолација од влез, патека на движење, посебна родилна сала, бокс и тим.

Од Клиниката за гинекологија и акушерство апелираат сите пациентки што доѓаат на Клиниката да се придржуваат кон сите насоки кои се упатуваат од Министерството за здравство во однос на заштитата на сопственото здравје и околината, но исто така се упатува и апел за целосно и вистинито давање информации при прием со цел адекватно и навремено преземање адекватни мерки, кои се однесуваат на вашето здравје и безбедноста на здравстевниот персонал.

Спонзорирано: