13.8 C
Скопје
25. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Кинески медиуми тврдат дека знаат кој е првиот заразен со коронавирус

Постојат повеќе тврдења за тоа кој е првиот пациент заболен со коронавирус во Кина, од каде што се прошири пандемијата на смртоносниот вирус. „Дејли мејл“ пишува дека првото заразено лице со коронавирус е 57-годишната Веи Гуишиан, продавачка на свежи шкампи на пазар во кинескиот град Вухан.

Британскиот весник пишува врз основа на увидот во доверливите документи до кои дошле кинеските медиуми, кои наведуваат дека Веи живеела во изнајмен стан, кој бил оддалечен од пазарот помалку од 500 метри, а покачена температура добила на 11 декември минатата година. Мислејќи дека е сезонски грип, таа по совет на лекар отишла во мала клиника полна со пациенти. Инјекциите што ги примила не ѝ помогнале.

„Секоја година заболувам од грип, така што помислив дека повторно во прашање е грип. Се чувствував уште полошо, малаксано, без сила“, рекла Веи за шангајски весник. Таа на 16 декември отишла во најголемата болница во Вухан за да се утврди причината за болеста. Лекарот во болницата ѝ рекол дека болеста од која боледува е немилосрдна и дека примиле повеќе пациенти кои биле на пазарот во Хуанан со слични симптоми.

Според изјавата на Советот за јавно здравје во Вухан, објавена на 31 декември минатата година, Веи е еден од првите 27 пациенти на кои им бил дијагностициран Ковид-19. Меѓу тие 27 пациенти, 24 биле поврзани со пазарот на кој се продаваат домашни и диви животни. Во изјавата се кажува дека не се пронајдени докази оти коронавирусот се пренесува од човек на човек.

Но, иако Веи е првата личност на пазарот во Хуанан кај која е утврдена заразата со коронавирус, како прв пациент се наведува 70-годишен пензионер, кој е неподвижен во кревет. Тој ги почувствувал симптомите на 1 декември, а претходно не бил во контакт со пазарот од каде што почна да се шири смртоносниот вирус. Друг кинески весник, пак, пишува дека доверливи информации на владата покажуваат дека на 17 ноември била идентификувана првата личност на која ѝ бил дијагностициран Ковид -19.

Седум недели подоцна кинеските власти објавија дека откриле нов вирус. Воведоа карантин во одделни градови, дури по два месеца од препознавањето на првиот пациент. Необјавени докуметни покажуваат дека кинеските власти пред 31 декември идентификувале најмалку 266 лица што се заразиле со коронавирус. Во тоа време локалните власти во Вухан казниле група лекари што сакале да предупредат на болеста што потсетува на САРС.

Пекинг ги отфрли тврдењата дека Вухан е извор на пандемијата, а лидерот на тимот експерти за здравствена криза минатата недела таквите тврдења ги нарекоа неодговорни.

Спонзорирано: