12.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КОРОНАВИРУССВЕТ

Исповед на заразен Италијанец: Верувајте, не поминуваат тешко само старите и хронично болните

Непушачот и противник на користење алкохол и дрога, 38-годишниот кондициски тренер Фаусто Росо никогаш не верувал дека ќе се зарази со коронавирус и дека ќе заболи од Ковид-19.

Во Италија речиси 80.000 луѓе се заразени со новиот вирус. Еден од нив е и Фаусто Росо, кондициски тренер за младински тим во пониска лига во Италија.

Таткото на две деца даде телефонско интервју за ДПА од неговиот болнички кревет во Латина, град на 70 километри југоисточно од Рим, и ја опиша суровата реалност на живеење со вирусот.

Сè започнало на 5 март, тој се чувствувал добро на работа, но при враќањето дома качил температура од 38.

„Се јавив на лекар и ми препишаа парацетамол. Но, како што одминуваше времето, температурата не се спушташе и сè повеќе и повеќе имав потешкотии да дишам додека не се соочив со сериозна респираторна криза во саботата навечер“, објаснува Росо.

Итната помош дошла пред неговиот дом во 14 часот во неделата, при што здравствените работници носеле заштитна опрема. Сопругата на Росо се обидувала да го смири нивниот помал син.

„Гледај, дојдоа војниците од Војна на Ѕвездите, тие ќе го претворат татко ти во суперхерој“, рекла неговата сопруга.

Сепак, Росо воопшто не се чувствувал како суперхерој.

„Тоа беше најлошото искуство во мојот живот и не би го посакал на мојот најлош непријател“, вели тој.

Росо има 38 години, не пуши, не пие, оди на прегледи на секои шест месеци и никогаш немал никакви здравствени проблеми.

„Не верувајте во она што го кажуваат, дека влијае само на постарите лица и на хронично болните. Секако постар човек со тешка пневмонија каква што имав јас сега не би бил овде и не би го раскажувал неговото искуство, но тоа е единствената разлика. Јас како помлад имав ментална и физичка сила да се борам против заразата“, вели Росо.

Тој во првата недела мината во болница имал респиратор и катетер и не можел да стане од кревет. Откако неговата состојба се стабилизирала, Росо бил прашан дали сака да го проба експерименталниот лек тоцилизумаб, кој инаку се користи во третман на артритис. Неговата состојба се подобрила за 60 до 70 проценти неколку дена по земањето на лекот.

„Јас практично сум во опасност и сега, во фазата на закрепнување“, вели Росо, порачувајќи им на сите да не ги напуштаат своите домови.

„Обожавам фудбал и слушнав дека Роберт Левандовски и неговата сопруга донирале милион евра. Тоа е прекрасен гест, но сега парите не прават разлика, туку останувањето дома и почитувањето на владините ограничувања. Вирусот се шири преку заразени луѓе кои на почетокот дури не ни знаат дека се заразени“, објаснува 38-годишникот./Makfax

Спонзорирано: