13.8 C
Скопје
20. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КОРОНАВИРУССВЕТ

САД на трето место по бројот на заразени со коронавирус

Вкупниот број на пациенти со коронавирус во САД достигна 35.070, со што земјата сега е трета во светот по бројот на заразени лица, по Кина и Италија. Последните податоци покажуваат дека до денеска починале 458 Американци од ковид-19.

Како што расте бројот на потврдени случаи во САД, сè повеќе федерални држави воведуваат обврска граѓаните да останат дома, а излегувањето е дозволено само за купување храна и лекови или за извршување на клучни работи за заедницата.

Орегон издаде ваква наредба во петокот вечер, по Калифорнија, Илиноис, Њујорк и Њу Џерси. До крајот на викендот се очекува забраните да важат за околу 20 проценти од Американците, пренесува „Гласот на Америка“.

Речиси половина од сите случаи на коронавирус се откриени во државата Њујорк, а градоначалникот Бил де Блазио проценува дека за десет дена, градските болници ќе останат без витална опрема, како што се респираторите.

Поради бројните ограничувања, многу граѓани се привремено без работа, училиштата се затворени и откажани се црковните служби, свадбите, спортските и други настани.

Милиони здравствени работници не се добро опремени за борба против вирусот. Недостасуваат заштитни маски и респиратори, а многу држави имаат недостаток од опрема за тестирање.

Претседателот, Доналд Трамп, објави дека тројца американски производители на автомобили – „Џенерал моторс“, „Форд“ и „Тесла“ – добиле зелено светло за да започнат со забрзано производство на респиратори и други производи потребни за лекување на пациентите со коронавирус.

Американската администрација за храна и лекови (ФДА) ѝ даде итна дозвола на компанијата „Кафеид“ со седиште во Калифорнија, која произведува брз тест за коронавирус кој може да ја открие болеста за 45 минути.

На прво место според бројот на заразени во светот е Кина (81.093), а на второ е Италија (59.138). Според бројот на починати, пак, Италија е на прво место со 5.476 смртни случаи, следува Кина со 3.270 и Шпанија со 1.813 смртни случаи./Makfax

Спонзорирано: