5.8 C
Скопје
29. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КОРОНАВИРУСМАКЕДОНИЈА

(Видео) Димковски: Во тек е пролетната сеидба, прехранбената индустрија е мобилизирана

Се наоѓаме во вонредна состојба, но тоа не значи дека треба да запрат земјоделските активности и работата на Министерството и другите надлежни институции во делот на сервисирање на услугите кон земјоделците. Платежната агенција и во овој период како и досега продолжува со редовна исплата на субвенции, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски.

Министерот ги повика граѓаните да бидат спокојни бидејќи храна има доволно, целата прехранбена индустрија е мобилизирана и нема простор за паника.

„Во тек е пролетна сеидба на пченка и сончоглед и таа треба да продолжи непречено, да се насадат и насеат нивите. Секако, и во овој дел треба да се почитуваат препораките на Владата во оваа вонредна состојба. Земјоделските аптеки нема да бидат затворени. Набавката на сточна храна со регулирањето на протоколите за транспорт ќе се одвива непречено. Истото важи и за набавка на репроматеријали“, изјави Димковски.

Тој рече дека МЗШВ интензивно работи на изнаоѓање решение за откупот на јагнето.

„Нашата намера како ресорно Министерство е јагнето да биде извезено. Во моментот извозот во Италија се одвива забавено поради проблемот што го имавме со транспортот. Во постојна комуникација сме со откупувачите и освен традиционалните пазари, како Италија, Хрватска, Грција, се бараат и други алтернативни пазари за извоз на јагнето. МЗШВ ќе ја следи состојбата и, секако, доколку има потреба, со соодветни мерки ќе им помогне на сточарите да ги покријат загубите, кои ќе бидат донесени заеднички и во комуникација со сточарите и откупувачите на јагне“, изјави Димковски.

Тој посочи дека транспортот на стока не е забранет и ќе се одвива под посебни безбедносни протоколи.

„Во моментот нашето МНР, заедно со министерствата за надворешни работи од другите држави, заеднички работи на изнаоѓање заеднички протокол за транспорт, со кој ќе се овозможи непречен проток на стоки. Со воведување заеднички протокол, транспортот ќе се одвива непречено“, рече Димковски.

Владата вчера воведе забрана за извоз на пченица и брашно, со цел да не се нарушат состојбите на пазарот во земјата и да се обезбедат доволни количини брашно во земјата во услови на зголемена побарувачка на пазарот за овие производи предизвикана со прогласувањето на пандемијата.

Од безбедносни причини сточните пазари во моментот се затворени. Движењето на пратки со животни може да се врши само ако животните се правилно идентификувани и придружени со валиден сертификат за здравствена состојба на животните. Земјоделските производи на зелените пазари може да се продаваат, но, секако, важно е да се почитуваат препораките на Владата во делот на одржување хигиена, почитување на пропишаното растојание од еден метар, пазарење во разумни количини.

Спонзорирано: