4.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КОРОНАВИРУСТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Владата на вонредната седница најави поостри мерки: Сите кои ќе излезат од државава ќе потпишуваат изјава дека нема да се враќаат 3 месеци?

Владата на денешната 21 седница го разгледа и го усвои Записникот од Вториот состанок на Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на коронавирусот и заклучи истиот да се достави до сите надлежни институции, со цел итно реализирање на мерките и препораките содржани во истиот.

Меѓу заклучоците на Главниот координативен кризен штаб е и „Владата да ја разгледа можноста и да заземе став во однос на тоа секое лице кое ги напушта границите на Република Северна Македонија, да потпише лична изјава со која ќе се обврзе во наредните три месеци да не се врати назад во Република Северна Македонија”.

Во врска со групата наши државјани, кои организирано со конвој од автобуси пристигнуваат од Република Италија на граничниот премин Деве Баир, Владата ги донесе следните заклучоци:

1. Се задолжува Министерството за внатрешни работи да го обезбеди нивниот транспорт, без запирање и без напуштање на транспортот и истите да ги смести во капацитетите на Криволак.

2. Се задолжува Армијата на Република Северна Македонија да го огради периметарот на овој капацитет на Криволак и да го обезбедува просторот во кои овие лица ќе бидат сместени, со цел лицата да не може да го напуштат.

3. Се задолжува Министерството за здравство да обезбеди лекарски тимови за овие лица.

4. Се задолжува Министерството за одбрана да обезбеди вода и храна за потребите на овие лица во текот на денешниот ден, а во текот на утрешниот ден по потреба и од Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Северна Македонија.

5. Се задолжува Министерството за труд и социјална политика да побара преку УНДП вода и храна за потребите на овие лица за наредниот период.

6. Се задолжуваат Министерството за одбрана, Министерството за труд и социјална политика и Службата за општи и заеднички работи да обезбедат мобилни тоалети за потребите на овие лица.

Апелите на властите не се почитуваат – Над 1331 лице си отидоа од државава за 12 часа

Синоќа апелирав да се воздржиме од патувања во странство. Од вчера на пладне до рано утрово, бројот на македонски граѓани кои заминале од земјата е 1331, соопшти министерот за надворешни работи Никола Димитров

– Не сакам да навлегувам во мотивите. Можеби сите овие патувања биле нужни. Но, чувствувам должност да предупредам на алармантната состојба насекаде. Имам впечаток како недоволно да е јасна ситуацијата во регионот, во Европа и во светот.

Државите спуштаат рампи постојано, се затвораат аеродроми, се менуваат граничните режими, се забранува влез на странски државјани, се менуваат правилата на секои неколку часа.

Имаме граѓани по разни аеродроми, со откажани летови, со откажан бординг бидејќи земјата на дестинација одлучила да дозволи влез само за своите државјани. Имаме луѓе со коли во колони во Словенија, во Австрија, во Хрватска … Пуштаме дипломатски ноти со лични податоци на нашите граѓани врз основа на нивните телефонски разговори со кризниот тим во МНР. Некои конзуларни барања успеваат, некои не. Ние имаме контрола само врз своите, македонските граници. Ние не ги контролираме границите на други држави.

Во услови на ваква огромна глобална криза предизвикана од пандемијата на вирусот, со целосна непредвидливост на дневна основа, ние апсолутно не можеме да гарантираме дека ќе можете да си дојдете дома тогаш кога сте планирале.

Истовремено, секое патување драстично го зголемува ризикот по здравјето не само за вас и за вашето семејство, туку за целата нација.

Драги граѓани, повторувам:
Не патувајте!, рече Димитров.