12.8 C
Скопје
25. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КОРОНАВИРУСМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

15 комуникациски препораки во услови на „корона“ криза

Во време на заострување на препораките и мерките од надлежните државни институции со цел заштита на граѓаните од корона вирусот, нашето општество, но и речиси целиот свет се соочува со нови предизвици.

Покрај заштитата на здравјето на секој поединец што претставува основен предуслов, многу е важно непреченото функционирање и унапредување на демократските процеси, како и заштита на основните човекови права, ставајќи акцент тука на слободата на изразувањето, мислењето, медиумите, еднаквиот пристап до информациите итн. Ова особено се однесува за начинот на функционирање на јавните институции во услови на криза, како и нивно целосно натпартиско и професионално поставување од интерес на сите граѓани.

Земајќи ја предвид одлуката на политичките лидери за одржување на предвремените избори на 12 април, една од клучните дилеми која деновиве се наметнува во јавноста, е начинот на кој ќе се одвива ваквата кампања во новосоздадените услови за заштита од корона вирусот.

Дополнително, претседателот на Републиката, во рамки на својата вчерашна прес конференција, отвори многу важна дилема – дали со новиот вонреден начин на водење на кампања, ќе се исполни една од основните премиси во демократијата, односно целосно информирани граѓани, пред кои кандидатите и партиите ќе можат да се претстават и презентираат својата програма и предлог активности со кои планираат да ја задржат/освојат власта.

Земајќи го целосниот нов концепт, би сакал да се задржиме и јавно да ги разгледаме следните севкупни комуникациски препораки:

 

Улогата на медиумите во новонастанатите околности мора дополнително да јакне и целосно да се почитува од институциите и политичарите

 

  1. Прес конференции на кои ќе учествуваат сите новинари и медиумски работници, непречено вршејќи ја својата професија – Доколку надлежните институции донесат одлука за неодржување на традиционални прес конференции на кои во иста сала присуствуваат говорниците и медиумите, неопходно е ПР тимовите да се осигурат дека на секој заинтересиран медиуми ќе му биде овозможено во живо, преку онлајн врска да може да постави прашање, даде новинарски коментар и слично. Во никој случај не треба да се исклучуваат новинарите од било кој јавен настан кој го организираат јавните институции, а дигиталната видео-конференциска врска може да биде решение доколку се воведат дополнителни мерки за заштита на населението корона вирусот.

 

  1. Зајакнување на онлајн комуникацијата на јавните институции со медиумите – Сите јавни институции и политичари во најкус можен рок да обезбедат посебни простории опремени за онлајн јавувања, известувања и непречено одвивање на двонасочната комуникација со медиумите. Исто така, уште веднаш ПР тимовите во секоја јавна институција е потребно да им достават на медиумите листа со контакти од различни онлајн платформи на кои ќе бидат достапни и ќе одговараат на сите прашања, информации и сè останато кое овозможува непречено остварување на отчетната компонента на јавните институции. Исклучок од ова правило не треба да биде ниедна институција, бидејќи и во вакви вонредни мерки, остварувањето на правата и потребите на граѓаните треба да бидат приоритет, а организирани на начин што во исто време ќе се задржи превентивата од корона вирусот, а услугите кон граѓаните непречено ќе се одвиваат.

 

  1. Засилена дигитализација на јавните институции – Посебен фокус треба да биде ставен на креирање/ажурирање на дигитални алатки во секоја јавна институција кои ќе бидат јавно достапни на медиумите, како и до секој граѓанин. Институциите и нивните ПР/дигитални тимови мора со засилено темпо да објавуваат информации од делокругот на својата работа, активностите кои секојдневно ги преземаат во својата област на дејствување. Колку сите очи да се свртени кон побрзото справување со корона вирусот, институциите мора да се фокусираат на фактот и дека барањата, потребите и тековните обврски на граѓаните имаат приоритет и мора да бидат обезбедени, без никој да биде доведен во дополнителен здравствен ризик. Со други зборови, токму во вакви околности, институциите и нивните раководители мора да покажат визионерство и лидерство, односно да не дозволат занемарување на своите основни надлежности и висока одговорност во делот на кризниот менаџмент. Тоа подразбира градење на ефикасен, брзо спроведлив долгорочен план за целосна дигитализација на буквално сите услуги, но и овозможување на остварување на дополнителен дигитален канал за брза повеќенасочна комуникација со медиумите и граѓаните.

 

  1. Засилена транспарентност на јавните институции – Токму во овој период е потребно институциите и јавните функционери да покажат дека се на висина на задачата и целосно посветени на јавниот граѓански интерес. Тоа подразбира демонстрација на висока заштита на своите вработени од корона вирусот, но истовремено градење на систем во кој институциите речиси непречено функционираат и ги реализираат активностите за кои се финансираат од граѓаните. Во ова смисла, од огромен интерес ќе биде целосно дополнително виртуелно отворање на јавните институции со куси и концизни информации за сработеното во текот на секој работен ден/работна недела, проследено со дополнителни мултимедијални материјали како фотографии и видеа. Важно е уште еднаш да се потенцира дека ваквите материјали не смее да бидат супституција за директното вклучување на новинарите и медиумските работници во настаните и активностите на институциите и нивните функционери. Важно да се потенцира фактот дека јавните институции за време на криза добиваат прилика дополнително да се испрофилираат како независни, да се осамостојат и да изградат кредибилитет на вистински натпартиски институции кои се сервис на граѓаните.

 

  1. Засилен проток и пристап до брз интернет – Зајакнување на отворениот пристап до интернет и зголемување на општото ниво на интернет сообраќај на целата територија од страна на Владата, со особен акцент на неограничен пристап на брз интернет за новинарите и медиумските работници. Токму медиумите се најголемиот сојузник во борбата со лажните вести, а еден од најефикасните начини да се избориме со дезинформациите е доколку обезбедуваме и дистрибуираме поголем број на официјални и кредибилни информации. Во ера на дигитализација, како и во време на вонредни превентивни мерки за заштита од корона вирусот, интернет каналите за доставување и „консумирање“ на вести и информации од страна на медиумите и граѓаните се неколкукратно поголеми и поизразени.

 

Брза дигитална трансформација на ПР секторите во јавните институции

 

  1. Формирање или зајакнување на онлајн тимови во секоја јавна институција – Ставање фокус на брзо креирање/зајакнување на дигитални тимови во секоја јавна институција кои ќе можат брзо и професионално да ги реализираат активностите наведени во точките од 1 до 5.

 

  1. Начин на организација – Ваквите дигитални тимови е потребно да бидат организирани во смени со цел да ги прибираат и брзо одговараат пристигнатите барања, коментари или прашања од медиумите или директно од граѓаните. Во тек на превентивните мерки од корона вирусот, овие тимови може да работат од дома, а истовремено постојаната координација помеѓу нив и раководителите може да се одвива со користење на дигиталните платформи за дигитална видео комуникација.

 

  1. Трансформација – Иако веќе доцниме со трансформацијата на ПР секторите во јавните институции од класични пишувачи на соопштенија или организатори на прес конференции во вистински сервис за брза и ефикасна двонасочна комуникација со медиумите и граѓаните, сега е можеби вистинското време процесот ефикасно да се спроведе. Важно е да се потсети дека само со ваков пристап и трансформација преку ориентирање на овие витални сектори кон медиумите и граѓаните, институциите ќе можат да прокнижат успеси во битката со лажните вести. Ова е особено важно во период на предизборни случувања и справување со корона вирусот на национално и глобално ниво. Исто така, дигиталните тимови мора да бидат иновативни и особено за време на вонредните мерки да осмислуваат интерактивни содржини кои ќе ги мотивираат граѓаните да се вклучат, но и да креираат дигитални содржини на социјалните медиуми.

 

 

Политичка кампања во услови на превентивни мерки за заштита на граѓаните од корона вирусот

 

Политичките чинители во македонското општество засега се усогласени дека изборите ќе се одржат на 12 април, како и дека сите ќе ги почитуваат институционалните превентивни мерки за заштита на населението од корона вирусот. Тоа подразбира исклучување на традиционалните кампањски активности меѓу кои спаѓаат партиските митинзи, средбите со граѓани, „врата до врата“ активностите и слично.

Доколку партиите останат на ставот дека ќе се одржат изборите во предвидениот термин, кампањите можат да се одвиваат и без наведените традиционални форми наведени погоре, но потребно е да се внимава на следните препораки:

 

  1. Фокусот мора да биде ставен на вклучувањето на различни медиуми, како и канали на комуникација на политичките партии и кандидати со електоратот – Политичките партии е потребно да вклучат колку што е можно поголем број на медиуми и канали во своето претставување, како и презентација на своите кандидати и програми. Во оваа насока, предизборната кампања не треба да се планира да се одвива само на социјалните или дигиталните медиуми, туку во целост да ги вклучува традиционалните медиуми и онлајн порталите. Само на овој начин ќе се овозможи сеопфатна кампања и вклучување во процесот на информирање и двонасочна комуникација на сите граѓани.

 

  1. Корона вирусот не смее да стане дневно политичка тема или тема за ширење/подбуцнување на лажни вести – ниедна политичка партија не треба да ја третира како дневно-политичка тема состојбата со корона вирусот. Дополнително, секоја политичка партија треба да се фокусира на борбата против ширењето на лажните вести на оваа тема (од каде и да се пласираат) бидејќи тоа е од интерес за здравјето на секој граѓанин, а со тоа и за целокупниот јавен интерес. Во демократијата постојат многу отворени општествено-политички теми на кои партиите имаат различни ставови и решенија, па истите можат да доминираат во предизборните дебати.

 

  1. Онлајн претставувања на кандидатите и предизборните програми – Неопходно е секоја политичка партија да овозможи пошироко и секојдневно претставување на своите кандидати и предизборните програми за време на кампањата. Тоа подразбира низа на онлајн настани од интерактивен карактер кои ќе овозможат вклучување и интеракција со гласачите. Дополнително, ваквиот пристап ќе овозможи аудиовизуелен материјал за медиумите и тековните информативни изданија.

 

  1. Фокус на двонасочна комуникација и ставање на гласачите во фокусот – Подзаборавените онлајн активности како видео четови, прашања и слично потребно е да се реактивираат и вратат на сцената на предизборната кампања. Дел од политичките партии ги имаа своите први вакви активности пред десетина година, но за жал, изминатите години воопшто или многу ретко се применуваа во политичките кампањи или надвор од нив.

 

  1. Нагласена борба со говорот на омраза и дискриминацијата – Социјалните медиуми и другите интерактивни дигитални алатки често се посочувани како синоним за ширење на говор на омраза, дискриминација, навреди, омаловажувања и слично. Слободата на говорот која несомнено се надградува преку слободниот пристап до интернет, во никој случај не значи право на било кој од нас да креира и дистрибуира говор на омраза. Дискриминацискиот наратив особено се користи и кулминира за време на предизборни кампањи. Сепак, доколку сакаме ефикасно да започнеме да се справуваме со ваквите негативни процеси, потребно е за време на претстојната кампања политичките партии да ангажираат голем број на искусни и посветени модератори на нивните страни и канали на социјалните медиуми. Администраторите, покрај за двонасочна комуникација со граѓаните, потребно е да имаат вештини за препознавање и разликување на искажан став од страна на граѓаните кој е различен од партискиот и онлајн коментари кои содржат говор на омраза. Со ваквиот професионален пристап може да се очекува драстично намалување на бројот на коментари полни со дискриминација, а заземање на поголемо место од страна на дебатата и коментарите кои поттикнуваат дискусија и отвореност на партиите и често содржат различни мислења.

 

  1. Стратегија и стратешки пристап кон онлајн кампањата – Креирање на јасна и концизна Стратегија за онлајн настап во претстојната предизборна кампања и нејзина јавна презентација пред медиумите и граѓаните. Важно е да нагласиме дека во оваа предизборна кампања под онлајн или дигитална кампања нема да се подразбира само отворање и менаџирање на страни и канали на партиите и кандидатите, туку првенствено целокупен и сеопфатен план за информирање и активно вклучување во целиот процес на медиумите, како и секој заинтересиран граѓанин.

Подготвил:

Бојан Кордалов, специјалист за односи со јавност и нови медиуми

Спонзорирано: