4.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Властите стравуваат од епидемија на коронавирус во дом за стари лица во Вашингтон

Здравствените службеници во американската сојузна држава Вашингтон ја истражуваат можноста за ширење на зараза од коронавирус во дом за стари лица во Киркленд, североисточно од Сиетл, каде две тестирани лица се позитивни на вирусот.

Заразени со коронавирус се 50-годишна здравствена работничка во домот, која не патувала надвор од САД и моментно се наоѓа во локалната болница во добра состојба и жена на возраст од 70 години, која е хоспитализирана во сериозна состојба.

Исто така, неколку други лица поврзани со овој дом за стари и изнемоштени во Киркленд, имаат симптоми со проблеми со дишењето или воспаление на белите дробови.

Поради тоа, надлежните ја истражуваат ситуацијата како можен случај на избивање на зараза.

Првата смрт од коронавирус во САД беше објавена вчера, но таа личност, која е исто така од државата Вашингтон, не е поврзана со заразата во домот во Киркленд, соопштија властите.

Во моментов во САД има 71 потврден случај на коронавирус, вклучувајќи ги и 44 американски патници на крузерот „Дајамонд принцес“, три лица кои се вратиле од Кина и 24 случаи заразени на американско тло.