Секогаш во средиштето на збиднувањата...

Димитров на панел во Прага: Ни треба повеќе од ветување на хартија

фото mfa.gov.mk

Вчера на Карловиот Универзитет во Прага, министерот за надворешни работи, Никола Димитров имаше настап на панелот „Неисполнетото ветување на ЕУ за Западен Балкан – време за стратешка одлука во рамки на Хрватското претседателство со ЕУ” што беше дел од дебатата насловена „Заживување на агендата на проширувањето на ЕУ: 2020 – нова можност за Западен Балкан” во организација на Европскиот институт за политики – ЕУРОПЕУМ.

На аудиториумот составен од претставници на тинк тенк заедницата, академската заедница, невладини организации, дипоматскиот кор, Димитров им го претстави македонскиот случај во контекст на евроинтегративниот пат и предизвиците на истиот.

Запознавајќи ја публиката со историскиот и политичкиот контекст од независноста и реактуелизирањето на политиката на проширување, Димитров го потенцираше претстојниот период како есенцијален, каква што е и корелацијата на резултатите и временската рамка од пролетната агенда на ЕУ.

„Атрактивноста на ЕУ е во нејзиниот наратив, но за истиот да биде одржлив ни треба повеќе од ветување на хартија. Партнерствата се валоризираат низ призмата на ветувањата и очекувањата. А нашите очекувања од ЕУ се повеќе од оправдани“, рече Димитров.

Копанелестите, чешкиот заменик-МНР Алеш Хмелаж, директорот на институтот Владимир Бартовиц, Јана Јузова, експерт за Западен Балкан во Еуропеум и соговорниците од публиката во разговор со Министерот Димитров ја коментираа позитивната динамика на политиката на проширување од октомври минатата година, што им дава за право да очекуваат наскоро и позитивен исход за Северна Македонија.

Во рамки на првиот ден од работната посета на Прага, покрај билатералната средба со чешкиот МНР Петричек и учеството на панелот, Димитров имаше средби и со претседателот на Долниот дом на чешкиот Парламент Радек Вондрачек и со државната секретарка за европски прашања Милена Хрдинкова на кои беше изразена силна поддршка за Северна Македонија за отпочнување на пристапни преговори со ЕУ, поздравени реформските постигнувања и добрососедските односи.

МНР Димитров ќе учествува на годишниот состанок на Министрите за надворешни работи од земјите од Вишеградската група – V4 и земјите од Западен Балкан – WB6, којшто се организира во рамки на Чешкото претседавање со Вишеградската група.