13.8 C
Скопје
25. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Uncategorized

На денешен ден пред точно 5 години, Заев ја “пукна првата БОМБА”!

“Од денеска СДСМ и опозицијата го започнуваат проектот “ВИСТИНАТА ЗА МАКЕДОНИЈА”.

Целта е единствена – ДА ЈА ВРАТИМЕ СЛОБОДАТА И ДЕМОКРАТИЈАТА ВО МАКЕДОНИЈА, ДА ГИ ВРАТИМЕ ЕВРОПСКИТЕ ВРЕДНОСТИ.” – изјави претседателот на СДСМ Зоран Заев на првата прес конференција од проектот “ВИСТИНАТА ЗА МАКЕДОНИЈА” на 09.02.2015г.

Погледнете ја во целост пресконференцијата на Заев:

Oваа папка ќе стане симбол на процесот што денеска го отпочнуваме за враќање на слободата и демократијата.

Oва што во интерес на граѓаните и државата сум должен да го споделам со јавноста, е најнепријатното нешто што треба сум повикан да го направам, како одговорен граѓанин на оваа земја. Иако, како и секој човек кој си ја сака државата, искрено жалам што Македонија, токму поради неодговорни луѓе, е доведена во ваква срамна ситуација за каква што ќе слушате од денеска.

Во Македонија, само во период од неколку години, се прислушувани над 20.000 граѓани!
Зад оваа операција стојат Никола Груевски и неколку луѓе околу него.

Материјалите што ги поседуваме докажуваат дека станува збор за масовно и незаконско прислушување од страна на луѓе вработени во безбедносните служби на Република Македонија по директна наредба на Сашо Мијалков и Никола Груевски.

Почитувани граѓани,

Поднесуваме кривични пријави против Сашо Мијалков, директор на УБК, Горан Груевски раководител на петта управа и НН вработени во Управата за безбедност и контраразузнавање. За вработените кои учествувале, но го пријавиле кривичното дело, очекуваме да се употреби член 151 став 5 од Кривичниот Законик, со којшто овие лица се ослободуват од гонење.

Испраќам порака: Ќе се бориме за заштита на сите вас кои се охрабривте и се охрабрувате да се спротивставите на газењето на Уставот и законите.

Во прилог на Кривичната пријава има повеќе од 300 мои телефонски разговори, снимени само за неколку денови. Ова е само мал дел од прислушувањето на моите телефони, што траело најмалку 4 години во континуитет. Без прекин, 4 години!

Според нашите закони, во најекстремни ситуации, посебни истражни мерки можат да се користат 14 месеци со дозвола на јавен обвинител или судија.

Само ова ЦД покажува дека сум бил следен и прислушуван не 14 месеци, не 24, туку околу 48 месеци! Можеби и повеќе.

Слично се постапувало со сите опозициски лидери.
Со пријавата доставуваме и текстуален дел од 204 страници, со разговори на членови на опозицијата, новинари, поединци блиски до опозицијата, давани како подготвен информативен материјал до Груевски и неколку луѓе околу него.

Ова е 24/7, ама комплетно прислушување на сите!

За време на изборите, ги злоупотребувале државните служби за да имаат 24 часовни извештаи за секој од главните кандидати и лидери на опозицијата. Секој ден добивале резимеа за својот политички противник. Секој разговор, сите планови, сета комуникација. Со државни пари и со целосно кршење на Уставот и сите закони!

Вакво масовно прислушување можат да спроведат само домашни државни служби.

Никој во Македонија не е изненаден дека се прислушува. Особено не дека се прислушува опозицијата.

Но, ова што го видовме и ќе го видите и слушнете и вие во деновите пред нас, ги надминува и најцрните очекувања.

Сите документи покажуваат дека Македонија е поделена во два света. Во едниот се Груевски и Мијалков кои политички и финансиски живеат од прислушувањето, а во другиот сме сите ние – чија приватност и уставни права се целосно погазени. Од сите што биле прислушувани, а се на значајни опшествени позиции, нема само прислушувани разговори помеѓу Никола Груевски и Сашо Мијалков. Значи само нивните телефони не биле ставени во машината, освен кога зборувале со некој друг, па така ги има. Но никогаш кога зборувале меѓу себе.

Само ова доволно кажува кој снимал и прислушувал!

Ова што го имаме покажува дека од државната служба, УБК, направиле вистински монструм што слуша и контролира над 20.000 граѓани: опозиција, новинари, бизнисмени, невладин сектор, членови на Влада, на Парламент. Слушаат кога разговараме на политички теми, слушаат кога работиме, влегле во нашиот најинтимен дел од животот, прислушуваат кога зборуваме со нашите деца!

Апелираме до новинарите и медиумите трпеливо и концентрирано да ги следат сите детали од процесот. Целта е Вистината за Македонија да допре до целата јавност бидејки е од суштинско значење за граѓаните на Република Македонија.

Ја повикуваме и меѓународната заедница, внимателно да следи `се што објавуваме и очекуваме активно да се вклучи во овој процес во Република Македонија.

Ќе одиме чекор по чекор, поради ограничениот медиумски простор, поради сензитивноста на доказниот материјал и ситуацијата во општетството, но граѓаните ќе ја дознаат целата вистина – ДО КРАЈ.

Денеска ќе слушнете само мал дел од тоа што ќе следува.

И тој мал дел ќе ве запрепасти.

Денеска ќе слушнете како јас, Зоран Заев, сум следен и прислушуван во континуитет во последните неколку години. Сум бил следен и прислушуван и кога не бев лидер на СДСМ, како разговарам со мои партиски колеги,со луѓе од Општина Струмица, со граѓани, како разговарам со моите деца. Слушнете ги овие снимки.

Снимките што ги слушнавте, се само минимален дел од она што го поседувам како доказен материјал за мое незаконско следење и прислушување и следење и прислушување на опозицијата. Според информациите што ги имам, прислушуван сум и тонски сум сниман по наредба и со знаење на директорот на УБК, Сашо Мијалков.

Но, не било отворено широкото уво на Никола Груевски и Сашо Мијалков само за опозицијата. Овие двајца луѓе, први братучеди, потпомогнати од неколкумина други, ги прислушувале и своите најблиски соработници. Груевски и Мијалков ја следеле министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. Го следеле и вицепремиерот за финансии, кумот Зоран Ставрески.

Слушнете ја и оваа снимка!

Груевски и Мијалков го следеле и својот коалициски партнер од ДУИ, Али Ахмети. Ги следеле и Руфи Османи, Мендух Тачи, го следеле и поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски.
Слушнете.

Повторувам, ова е само мал дел од `се што поседуваме како доказен материјал за противзаконското и криминално владеење во Македонија.

Како ќе ги отвораме доказите, така не ќе можете да поверувате, какви луѓе раководат со државата. Со какви механизми се служеле овие неколкумина, не бирајки средства, кон граѓаните на Македонија, кон опозицијата, кон свои најблиски соработници.

Почитувани граѓани,
Јас и опозицијата целосно ја имаме изгубено довербата во правосудните органи. Кривичната пријава ја поднесуваме за да оставиме трага, за да покажеме дека го почитуваме Уставот и законите во нашава земја.

Но, доколку Јавното обвинителство се одважи и покрене независна и транспарентна истрага, тоа јавно ќе го поздравиме, ќе бидат херои за идните генерации. `Се што треба е да се почитуваат Уставот и законите на Република Македонија, ништо повеќе или помалку.

Почитувани граѓани,
Ваква широка операција, на прислушување и тонско следење во ваков обем од преку 20.000 граѓани е невозможна без учество на Министерството за внатрешни работи, односно Управата за безбедност и контраразузнавање и без поврзаност со мобилните оператори.

Бидејки се шират лаги дека наводно прислушувањето го вршела неидентификувана странска разузнавачка служба, во Кривичната пријава, бараме вештачење на автентичноста на снимките, со што ќе се потврди дека се во целост веродостојни. Бараме вештачење од страна на стручна установа. Ова е посебно важно бидејки се работи за следење и прислушување со опрема единствена во државата, што ја поседува УБК и којашто што бара посебна специјалност на вешти лица, со што ќе се ослободат од притисоци овие лица врабитени во највисоките структури на МВР и УБК.

Независно од реакцијата на Јавното обвинителство, како лидер на опозицијата, којашто е цврсто решена да ги ослободи граѓаните од мракот, од молкот, од заложништвото на неколкумина кои ни ја имаат окупирано државата и ни ја одзедоа слободата и манипулираат со слободната волја на граѓаните, ве повикувам сите:

Следете ги чекорите кон Вистината за Македонија што ќе ги објавуваме во периодот што следува.

Продолжуваме…

Одговори на новинарски прашања,

Медиуми: Господине Заев дали имате материјали само за власта?

Заев: Еве јас бев внатре, претседателот на опозицијата. Ги кажав во текстот од пресот. Таргет биле преку 20 илјади граѓани. Мета на прислушување биле преку 20 илјади граѓани. Овде секако е цела опозиција, пред сé, првенците на опозицијата, но и нивните блиски луѓе. Овде се новинарите, овде се бизнисмените, овде се невладините организации и граѓанскиот сектор, овде се МАНУ, овде е Светиот Синод, Исламска верска заедница, судство… заборавив некој? Сé што е општествено, само нема телефонски разговор помеѓу Сашо Мијалков и Никла Груевски. Но кога Протугер го бара, на Латас разговорот е снимен. Но кога се прават кривични дела на поединци, разговорите се снимени и оставиле трага. Власта е таа којашто апсолутно го има поклопено овој наш општествен систем сиве овие 9 години, со своето најсилно оружје. Еве денеска ќе ги принудиме да заминат. Ги има сите коишто се општествено важни луѓе во општеството. Жално е што има многу обични граѓани коишто ниту се повикани, ниту се општествено должни и одговорни пред граѓаните. И тие се внатре во разговорите.

Медиуми: Кои се ваши следни чекори?

Заев: Продолжуваме чекор по чекор, внимателно следете нé, да не ви давам одговор како на Груевски за странски служби. Заради сензитивноста на процесот, заради внимателноста и сериозноста на ова што се случува во нашата земја, заради органичениот медиумски простор за опозицијата, ќе одиме внимателно, чекор по чекор. Не беше никој пат важно кога Заев ќе ги објави доказите, важно беше која цел ќе се постигне со овие докази. Целта е слобода и демократија за Македонија. Таа е единствената цел.

Медиуми: Сакам да дознаам, дали има освен тонски материјали и видео материјали?

Заев: Процесот ќе продолжи, ве молам внимателно да следите, сé што имаме како докази, ќе објавиме. Сé што имаме ќе објавиме.

Медиуми: Имаше шпекулации дека имате прислушувања за физички ликвидации?

Заев: Се што имаме докази ќе објавиме, ништо нема да оставиме.

Медиуми: Се зборуваше дека тие бомби можат да допринесат за немири во државата, меѓуетнички, граѓанска војна итн.. Колку сте свесни за ова, во случај да е навистина така и дали навистина може да има нешто такво?

Заев: Ќе ви дадам одговор со што ќе добиете и одговор на вашата намена на прашањето коешто го поставувате. Како што гледате, 11 разговори денеска соопштуваме, 11 во 50-те папки ќе бидат поделени до вас, а поднесени се илјадници разговори и ќе се поднесуваат. Еве денеска повеќе од 300 мои, сите транскрипти на опозицијата се поднесени. Прво, сите овие, повеќе од 20 илјади граѓани биле мета долг период . Сé што се криминали, сé што е законско недозволиво, а го има во материјалите, ќе го објавиме. Но, сите разговори нема да ги објавиме од причина што овие луѓе биле мета цел период. Зарем да продолжат да бидат мета на ветрометрина на коментари на сите. Гледате колку е болно кога е снимена мојата ќерка во разговор со нејзиниот татко. Значи, има внатре сé. Нашата намера е да го товориме патот на нашата Макеоднија кон европските вредности. Да ја вратиме слободата и демократијата. Нема да дозволиме со овој процес да ги уништиме шансите за добра иднина на нашата земја. За тоа постоиме. За тоа сме денеска исправени пред вас и храбро и решитело ги чекориме овие чекори. Се надеваме, меѓудругото, дека овој процес, целиот, покрај враќањето на слободата и демократијата во Македонија и враќање на европските вредности во Република Македонија, ќе биде ветер во грб на нашата земја за многу значајни прашања коишто до денес се пречка за идниот наш економски прогрес, за идниот наш евроатлански прогрес. Се надеваме дека ќе бидат, на крајот на денот, од полза на државата, а не да ја вратат неколку чекори наназад.

Медиуми: Кога велите власта, мислите само на функционери од ВМРО-ДПМНЕ или мислите и на ДУИ?

Заев: Власта е составена од повеќе политички субјекти. Знаете дека има и од помали политички партии коишто се во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. Должност е и затоа сме денеска на првиот чекор вака исправени. Се што е криминал и незаконско спроведена активност, а со овие снимки се потврдува како доказ да го објавиме. Должност е по Устав и по Закон на секој граѓанин, на претседателот на опозицијата, на сите нас овде, уште е поголем моралниот и етичкиот осврт на должноста за објавување. Тоа значи `се што има незаконско и криминално дејствие, ќе биде објавено.

Медиуми: Господине Заев велите дека кривична пријава поднесувате против Никола Груевски и Сашо Мијалков, директно ги прозвавте за криминал и незаконско прислушување. Каква реакција очекувате од власта и од Јавното обвинителство, велите дека ќе ја поздравите, очекувате ли истрага?

Заев: Кривичната пријава е поднесена против Сашо Мијалков, Горан Груевски началник на 5-татa управа, НН лица кои работат во државните тајни служби. Потенцирам дека за оние кои се охрабриле и одважиле ќе бараме со самата пријава користење на т.н Whistle blowers, во нашиот закон е предвиден само во тој член 151 став 5 од Кривичниот законик. Прво очекуваме дека сепак постои тронка надеж, како што овие луѓе од УБК беа храбри и од обвинителството ќе се јават храбри луѓе. Сите заедно сме камче од мозаикот наречен Македонија. Јас до крај не губам надеж во кој било граѓанин во нашата земја, така и во Јавното обвинителство. Јавно неколку пати наназад соопштивме, ние немаме верба во правосудниот систем на нашата земја, но истовремено заради таа надеж испратив порака, ќе бидат херои на новото време. Ќе симнам капа јавно само ако ја почитуваат законитоста и уставноста во постапката на предметот којшто е отворен против мене и неколку луѓе кои се во притвор и на предметите коишто од денеска ние почнуваме да ги поднесуваме како кривични пријави.

Медиуми: Господине Заев каква реакција очекувате од власта?

Заев: Реакцијата ја гледаме сите овие денови наназад. Сиве овие денови тврдат дека се странски служби, а продолжуваат да апсат луѓе од полицијата. Зошто од полицијата, а не некој странец, ако бил овде? И втора работа. По закон се одговара ако се даваат материјали на странски служби, а не ако тие му давале материјали на Заев. Но небулозите се познати сиве овие години и после со целиот окупиран систем се обидуваат да манипулираат. Во некој од следните чекори ќе ви кажам конкретно, што очекувам од Никола Груевски и лидершипот на оваа Влада.

Медиуми: Дали можеби ви ги обезбедија и наредбите за прислушување?

Заев: Вие сакате денеска се да одговориме. Кога излегуваме вака храбро дека не е ниту Заев, ниту Верушевски, ниту поединец, ниту група, ниту странски служби и велиме домашната државна служба, претпоставувате дека имаме конкретни силни докази дека тоа е токму од УБК И 5-тата Управа каде што се води прислушувањето.

Медиуми: Претседателот Иванов бил прислушуван?

Заев: Ако внимателно ме следевте, сите општествено важни личности освен Никола Груевски и Сашо Мијалков. А ако тој за вас не е доволно влијателна општествена личност тогаш не знам. Сите се мета на власта.
Јас овде ќе го завршам овој прес од страна на опозицијата, сакам да ја испратам пораката и до луѓето коишто овде дошле како поддржувачи најверојатно радувајќи се дека ќе ја вратиме слободата и демократијата. Денеска не објавивме нешто ново или непознато. Денеска го направивме само првиот чекор за да се знаат некои работи во државата. Ова е пресериозна работа. Ниту треба ловорики, ниту треба посебно да се гордееме со оваа работа. Ова е жална вест за нашата Македонија. И не би биле сериозни и пред нашиот народ и пред сите коишто очекуваат да бидеме предводници на народот во враќање на слободата и демократијата, ако несериозно се однесуваме. Пресериозна работа е ова, товарот го носам на плеќи 5-6 месеци, денеска почнувам да се растоваррувам од овој багаж. Но мора Македонија да добие шанса со овој процес којшто денеска го отворивме. Господ да е со нас и нашата Македонија. Ви благодарам.

Спонзорирано: