23.8 C
Скопје
29. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Вучиќ не ја исклучува можноста за средба со Курти

Српскиот претседател Александар Вучиќ не ја исклучува можноста за средба со новиот косовски премиер Албин Курти и додаде дека е добра вест што Курти размислува за укинување на таксите. Вучиќ во утринскиот дневник на РТС посочи дека е добро да се седне и да се разговара.

„Важно е да се укинат таксите, да може да се разговара. Курти мора да види и да сфати дека работите не се така едноставни како што изгледаат кога седите во опозиција и можете да зборувате без каква и да е одговорност“, рече Вучиќ.

Тој истакна дека најавата за укинување на таксите е важна зашто тие во кус временски период предизвикале голема штета.

Прашан дали може да седне на иста маса со Курти и покрај заканувачките пораки кон Белград, Вучиќ рече дека Курти е изборот на албанскиот народ и дека Србија не може да одредува кој ќе биде претставник на албанскиот народ како што не може да се доведува во прашање избраниот претставник на српскиот народ.

Тој посочи дека врз основа на информацииите што ги има и понатаму смета дека главниот збор во преговорите со Косово ќе го води Берлин и дека во следниот месец очекува средба со германската канцеларка Ангела Меркел.

Вучиќ посочи дека приказните на Курти за геноцид се налудничави како и тоа дека Косово ќе се вооружува и нагласи дека тоа нема да ја исплаши Србија.

„Нема ништо од тоа, вие работете си ја вашата работа, ние ќе си ја работиме нашата,“ порача тој. Српскиот претседател додаде дека е горд што во последните осум години Србија немала воени судири, туку петкратно помалку инциденти на национална основа.

„Наша цел е да обезбедиме мир и да ја градиме земјата“, истакна тој.

Прашан што значи системот на економски и политички реципроцитет, Вучиќ рече дека Курти мора да најде нешто што ќе му понуди на својот народ.

„Со принципот на реципроцитет тој сака да каже дека се држава еднакво како и Србија. Ние не можеме да воведуваме принципи на реципроцитет бидејќи не го сметаме Косово за држава. А се плашам дека тоа би било лошо за нив“, рече Вучиќ./Makfax

Спонзорирано: