23.8 C
Скопје
29. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

А1он: Мизрахи со измислени деманти врши притисок врз порталот и ги навредува новинарите

-Министерката за труд и социјална политика, Рашела Мизрахи испрати демант со кој во стилот на Никола Груевски се обидува да ги замолчи новинарите и „А1он“. Демантот се однесува на текстот со наслов “Мизрахи ја назначи советничката на Груевски за шеф на кабинет“, за кој А1он останува на ставот дека е точен и веродостоен и нема да се извинува, објави А1он.

„И порачуваме на министерката Мизрахи дека нема да дозволиме да биде главен уредник и ја замолуваме да внимава на речникот и на квалификациите за новинарите. За конкретниот текст ја баравме и советничката Марија Апостолова за да се изјасни, но таа не одговори на повикот.

Освен тоа, информацијата дека Апостолова била на листата советници и стручни соработници на поранешниот премиер е дел од јавен документ објавен на веб-страницата на Владата на 52 позиција на листата. па нејсано е што демантира Мизрахи.

А1он, со доказите кои ги поседува, ќе ги извести сите меѓународни организации за притисокот од министерката на ВМРО-ДПМНЕ.

Ја замолуваме министерката да не се обидува да го вовлекува медиумот во партиски борби и партиски да го етикетира, зошто со тоа нема ништо да сокрие ниту пак ќе не спречи да пишуваме за неа.“ – пишува А1он.

Во продoлжение интегрално демантот на министерката Рашела Мизрахи за објавениот текст на А1он.мк:

„Поврзано со вашиот крајно тенденциозен, полн со шпекулации и невистини текст објавен на порталот а1on.mk “Мизрахи ја назначи советничката на Груевски за шеф на кабинет“ бараме Јавно да се извините и ги пренесете точните информации и го објавите нашиот демант.

Самиот наслов укажува на крајно несоодветен и навредувачки однос на А1он и новинарот Ландов кон министерката Рашела Мизрахи ословувајќи ја министерката како Мизрахи што е улична комуникација и недостојно претставување на позицијата која ја има министерката, бидејќи ниту го познава новинарот ниту пак имаат било каква комуникација за да се обраќа на тој начин. Дополнително г-ѓа Марија Апостолова, е државен службеник вработена во Владата на Република Македонија од 2011 година и своите должности ги обавувала во владите на Никола Груевски, Емил Димитриев и Зоран Заев, што значи дека г-ѓа Марија Апостолова не е советник на поранешниот премиер Никола Груевски, не е дел од советниците на поранешниот премиер Никола Груевски за што наведувате, ниту пак е инсталација како што наведувате и ја доведувате во заблуда јавноста.

Крајно е сомнително и што вашиот текст истовремено излегува со изјавата на Милан Живковиќ – претседател на комисијата за социјална политика и труд во СДСМ каде истите работи се потенцираат.
Сакаме да Ве прашаме дали го имате истиот однос кон министерот Никола Димитров и него го именувате како Амбасадорот на Груевски или преговарачот на Груевски?
За крај ВЕ информираме дека ќе ги информираме Здружението на новинари на Македонија и Македонската Асоцијација на новинари за крајно несериозниот, тенденциозниот и полн со навреди однос на А1он и новинарот Кристијан Ландов кон институцијата министер и министерство.

Во иднина Ве молиме, заради коректна и фер соработка да побарате изјава или коментар од наша страна поврзано со текст што го пишувате за нас како би имале и втора страна во објавата, а не како сега, бидејќи тоа е едно од начелата во новинарството. За комуникација со кабинетот на министерката и министерката Рашела Мизрахи ќе биде задолжено лице кое транспарентно ќе биде објавено во наредните денови.“

Спонзорирано: