18.8 C
Скопје
28. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТИЗБОР

Во Кина прогласен најголемиот карантин во историјата

Кинеските власти во средата прогласија најголем карантин во историјата за да спречат ширење на новиот корона вирус за кој во моментот нема лек или вакцина.

Властите воведоа ограничувања за патувањата во и надвор од дури три големи града – Хуанганг, Ежоу и Вухан, во кои вкупно живеат 20 милиони луѓе.

Правилата стапија во сила утрово, а со нив најпрвин беа прекинати железничките линии и авионските летови во и од 11-милионскиот Вухан, најголемиот град во централна Кина, кој се смета за жариште на ифекцијата. Властите исто така го стопираа јавниот превоз во градот – автобусите, подземната железница и траектите. Покрај тоа, наредено е сите пешаци на улиците да носат заштитни маски.

Властите уште во средата во 10 часот по локално време почнале да ги спроведуваат мерките. До средата напладне сообраќајот со автомобили сè уште бил дозволен, меѓутоа, по ова, почнало затворањето на автопатиштата кон Вухан. Во средата исто така беше објавено дека здравствените власти ќе им ја мерат температурата на сите што влегуваат и излегуваат од градот.

Голем број Кинези на социјалните мрежи, вклучувајќи и блогери, вчера тврдеа дека мерката е премногу задоцнета и дека се прекриваат вистинските размери на епидемијата поради што некои побараа оставка од градоначалникот на Вухан, Жоу Ксијанванг. Болеста во меѓувреме се прошири речиси во сите кинески провинции вклучувајќи го и Хонгконг.

Вирусот во средата беше потврден во шест земји надвор од Кина.

Најголемиот карантин во историјата е воведен во Кина кога бројот на заболени и смртни случаи во еден ден, од вторникот до средата, практично се удвои – од 270 првично заболени бројката скокна на 570, а бројот на починати се зголеми од 9 на 17. До утрово бројот на смртни случаи се искачи на најмалку 25./Makfax

Спонзорирано: