10.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

САД и Кина ја потпишаа првата фаза од трговскиот договор

Американскиот претседател Доналд Трамп и кинескиот вицепремиер Лиу Хе ја потпишаа првата фаза од трговскиот договор што треба да го зголеми извозот на американски земјоделски и други производи, да ги заштити трговските тајни на САД и да ги намали тензиите во долгогодишниот спор меѓу двете најголеми економии во светот.

Трамп за време на церемонијата на потпишување во Белата куќа истакна дека договорот ги коригира грешките во минатото. Кинескиот претседател Шји Џјинпинг во писмото испратено до Трамп, а прочитано од кинескиот вицепремиер, истакнал дека првата фаза од договорот е добра за Кина, САД и целиот свет.

Шји во писмото истакнал дека договорот покажува како двете држави можат да ги решат разликите и да најдат решенија засновани врз дијалог, пренесе агенцијата „Ројтерс“.

Лиу рече дека Кина ќе се придржува кон заложбите од првата фаза на договорот и дека тоа е добро за двете земји и за целиот свет.

Според „Гласот на Америка“, трговскиот договор предвидува Кина да купи повеќе американски производи, но и да престане со практиката да ги притиска странските компании да ја споделат својата технологија и да престане да манипулира со валутите за да го направи својот извоз поевтин.

САД веќе престанаа да ја означуваат Кина како манипулатор со валути, а исто така се откажуваат од воведувањето нови царини на кинеските производи во вредност од милијарди долари. Исто така преполовени се царините на кинескиот увоз од 110 милијарди долари.

Сепак, царините за увоз во вредност од околу 360 милијарди американски долари ќе останат на сила./Makfax

Спонзорирано: