12.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТИЗБОР

И покрај причинетите штети, невремето добредојдено за австралиските власти

Силни бури проследени со обилни дождови и град зафатија некои региони на Австралија кои сè уште се зафатени од пожари. Невремето може да придонесе да се олесни работата на пожарникарите кои се борат со некои од најголемите пожари што ги виде земјата во изминативе децении.

Но, прогнозерите велат дека сè уште не е јасно дали дождот ќе падне таму каде што е најпотребен во наредните денови, во опустошените области и областите зафатени со пожари. Досега немаше доволен дожд за да се изгаснат пожарите, а гром од невремето предизвика и нови пожари.

Делови од Мелбурн беа погодени од невремето и во одредени делови наврнаа дури 77 милиметри дожд, предизвикувајќи поплави и штети, соопшти во четвртокот Бирото за метеорологија на Викторија.

Според локалните медиуми во Нов Јужен Велс, кон северот на Викторија, повеќе од 10.000 куќи и деловни објекти во четвртокот, поради невремето останале без електрична енергија.
Меѓутоа, невремето им помогна и на властите во борбата против пожарите.

Пожарите што цело време беснееја низ Викторија и Нов Јужен Велс се едни од најголемите и најштетни пожари што ја зафатиле Австралија во изминативе децении.
Најмалку 28 луѓе починале на национално ниво, а во државата Нов Јужен Велс повеќе од 3.000 домови се уништени или оштетени.

Државните и федералните власти се борат да ги локализираат масовните пожари, дури и со противпожарна помош од други земји, вклучително и САД.

Сето ова е влошено од постојаната топлина и сушата предизвикана од климатските промени. Десетици илјади луѓе учествуваа на протестите низ целата земја минатата недела, повикувајќи ја владата да направи повеќе во борбата против климатската криза.

Ситуацијата е веќе тешка. Значителни бројки на флора и фауна уникатни за Австралија се изгорени или уништени. Една група еколози проценува дека можеби милијарда животни се погодени во целата земја. Некои градови немаат вода, додека други целосно изгореа во пламенот./Makfax

Спонзорирано: