Секогаш во средиштето на збиднувањата...

Медведев поднесе оставка од премиерската функција

Рускиот премиер Дмитриј Медведев денеска поднесе оставка од позицијата, а рускиот претседател Владимир Путин планира да го назначи за заменик-претседател на Советот за безбедност, со кој претседава токму Путин.

Медведев поднесе оставка по разговорите со рускиот претседател, кој му се заблагодари за неговата работа.

„Сакам да ви се заблагодарам за сè што е направено во оваа фаза од нашата заедничка работа. Сакам да го изразам задоволството од постигнатите резултати“, рече Путин на состанокот со Кабинетот на министри.

Истовремено, Путин ја објави својата намера да назначи нов заменик-претседател на Советот за безбедност и дека сака Медведев да биде именуван.

„Мислам дека е можно и ќе го сторам тоа во наредните денови. Ќе ја воведам функцијата заменик-шеф во Советот за безбедност. Како што знаете, претседателот на Русија е шеф на Советот за безбедност. Дмитриј секогаш беше вклучен во овие проблематики. Од гледна точка на подобрување на нашата одбранбена способност и безбедност, верувам дека ова е изводливо и го замолив да се справи со ваквите проблеми во иднина“, истакна Путин.

Рускиот претседател денес објави важни уставни измени во политичкиот систем на земјата, по што владата, предводена од премиерот Дмитриј Медведев, поднесе оставка за да го дозволи тоа./Makfax