Македонскиот филм „Медена земја“ успеа да добие две номинации за претстојните Оскари – за најдобар документарен филм и за најдобар странски филм.
Номинациите беа објавени денес во Лос Анџелес.
Меѓу петте номинирани за најдобар документарец се и „Американска фабрика“, „Пештерата“, „Доба на демократија“ и „За Сама“.
За најдобар странски филм, покрај „Медена земја“, номинирани се и „Корпус кристи“ од Полска, „Клетници“ од Франција, „Болка и слава“ од Шпанија и „Паразит“ од Јужна Кореја.
По победата на американскиот фестивал „Санденс“ лани, „Медена земја“ освои голем број награди, номинaција за европски Оскар, а имаше и одлични критики од најреномираните филмски критичари и медиуми.
„Пред дождот“ на Милчо Манчевски досега беше единствениот македонски филм кој добил номинација за Оскар, во 1995 година. Претходно, во 1980 како југословенски кандидат номинација за Оскар имаше добиено краткиот документарец „Дае“ на Столе Попов.
92. доделување на престижните Оскари е закажано на 9 февруари во театарот Долби во Холивуд. Втора година по ред, церемонијата на доделување Оскари нема да има водител. Церемонијата телевизиски ќе се пренесува во повеќе од 225 земји низ светот./makfax