8.8 C
Скопје
19. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СПОРТ

Каратистите на Макпетрол супериорни на „Трофеј Македонија“ во сениорска и на Балканскиот натпревар за кадети/јуниори и У21, во младинска конкуренција со вкупно 16 освоени медали

Викендов во Скопје, Карате федерацијата на Македонија, како никогаш до сега имаше во организациска поставеност два исклучително силни натпревари.

Првиот ден, во салата Борис Трајковски се одржа традиционалниот турнир во сениорска конкуренција „Трофеј Македонија“, додека во неделата, во салата Јане Сандански се одржа Балкански натпревар за младите категории на спортисти кадети, јуниори и У21. И на двата натпревари учествуваа 5 Балкански држави со своите најдобри национални состави во сениорска и во младинска конкуренција.

Впечатливо е што каратистите на Макпетрол кои беа во состав на националните репрезентации на двата интернационални натпревари беа многу успешни, односно успеаја да освојат најголем број медали. Сениорите на Карате клубот Макпетрол, воедно и членови на репрезентацијата, првиот ден освоија седум медали од кои 1 златен, 3 сребрени и 3 бронзени на Меѓународниот турнир за сениори во борби „Трофеј Македонија“. Златниот медал во дисциплината борби, категорија -68 кг, го освои каратистката Ангела Мојсовска, додека со сребрени се закитија Сара Радичевска, Абдурахим Идризи и Глигор Петков, додека бронзени медали освоија Петар Заборски, Петар Спасеновски и Роберто Ацковски.

Успехот е остварен во конкуренција на каратисти од пет балкански држави: Турција, Бугарија, Албанија и Косово. За овој дел во сениорска конкуренција треба да се додаде дека Макпетрол резултатски ќе поминеше и подобро доколку во екипата беа и стандардните репрезентативци кои беа повредени Симона Заборска и Давид Петков.

Макпетрол продолжи со успешните претставувања во силна младинска конкуренција и на Шампионатот на балканските земји со 5 поединечни и три медали од екипниот дел.

Вториот ден, Каратистите на Макпетрол и Шампионатот на балканските земји за кадети, јуниори и У-21 во Скопје ги продолжија со успесите од Саботата и освоија вкупно 5 медали – 2 златни, 1 сребрен и 2 бронзени во поединечна конкуренција, како и четири сребрени медали во екипна конкуренција.

Златни медали освоија, Абдурахим Идризи и Глигор Петков, Роберто Ацковски – сребрен, а Стефан Стојановиќ и Даријан Ризмановски бронзени.

Сребрен медал во У-21 екипно освои Глигор Петков, кај Јуниорките во женска конкуренција Марија Петровска, а Витомир Трајковски и Данило Божовиќ освоија сребра во екипна кадетска конкуренција.

„Изминатиот викенд за нас беше многу напорен, во нашите редови имавме каратисти кои направија и по 10 борби за двата дена и постигнаа забележителен успех во сениорска и во младинска конкуренција. Во двата дена нашите каратисти освоија вкупно 16 медали: 3 (три) златни , 8 (осум) сребрени и 5 (пет бронзени) медали, тоа е податок кој укажува дека моменталниот потенцијал и квалитет на спортисти кои ги бранат боите на националната репрезентација и клубот се на високо место. Направивме многу добра контрола со комплетниот натпреварувачки погон кој ни беше на располагање, генерално сме многу задоволни од постигнатото, бидејќи резултатите беа постигнати во многу силна и квалитетна конкуренција. Имаше 5 држави но со по 4 најдобри спортисти во секоја тежинска категорија. Задоволството е поголемо бидејќи стварно успешно ја завршуваме 2019 година“. – изјави тренерот на Макпетрол, Бошко Заборски.

Спонзорирано: