5.8 C
Скопје
29. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Град Скопје: Преку заеднички часови до подобра меѓуетничка интеграција на младите

Во организација на Град Скопје и Министерството за образование и наука, денеска се одржа промоција на настанот за заеднички ученички часови со ученици што не учат на исти наставни јазици.

На настанот присуствуваа градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов, министерот за образование и наука, Арбер Адеми, претставникот на Канцеларијата на УСАИД во Северна Македонија, Ерик Јановски, шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која, како и ученици, наставници и претставници од образовните институции.

„Чест ми е што Град Скопје е домаќин на овој свечен настан на кој ги прославуваме заедничките достигнувања во промовирањето соживот кај нашите деца и зајакнувањето на меѓуетничката кохезија во училиштата. Денеска сме сведоци на напредокот на овие ученици и наставници, кои се доказ за тоа дека кога се работи со голем ентузијазам, нема недостижна цел! Jа почнавме оваа иницијатива за заеднички часови со ученици, кои инаку не учат на исти наставни јазици, затоа што, за жал, се чини дека вообичаено фокусот е на тоа колку сме различни и поделени. Меѓутоа, убедени сме дека само недостигот на позитивна интеракција меѓу младите од различни етнички заедници е тоа што води до недоразбирања, поделби и сегрегација. Кога учат заедно децата, кога се вклучуваат во разновидни активности заедно, самите може да видат дека сите не сме исти, секој си со свои посебни карактеристики, но дека имаме исти интереси и исти цели“, рече Шилегов.

Тој додаде дека верува во направениот прогрес во напорите да се намалат бариерите и да се изградат мостови меѓу младите од разните етнички заедници во средните училишта.

„Идејата на заедничките часови има цел да ги охрабри младите да ги почитуваат различностите, и тоа не само во рамките на образовниот систем, туку во сите области од животот бидејќи тоа е вистинскиот пат. Град Скопје неодамна едногласно донесе и стратегија за меѓуетничка интеграција во образованието со цел во иднина уште поактивно да продолжиме да работиме во оваа област бидејќи младите се нашата иднина“, истакна Шилегов.

Шилегов посочи и дека во овој процес многу важна и благородна улога имаат и наставниците бидејќи тие се во секојдневен контакт со учениците и се нивен модел за меѓусебно почитување, разбирање и соработка.

„Наша улога како општина е да ги поддржуваме наставниците во заложбите, но и да обезбедиме услови за нивно успешно работење. Токму затоа како градоначалник и домаќин упатувам срдечна благодарност до наставниците и до директорите на училиштата, како и до УСАИД, ОБСЕ и МЦГО за несебичната поддршка што ја даваат за создавање поволни услови за меѓуетничка кохезија и квалитетно одвивање на образовниот процес во нашите училишта. Оваа иницијатива е наша неизмерна гордост, но исто така и уште поголем стимул да продолжиме активно да го промовираме соживотот и да ги негуваме демократските вредности кај младите генерации“, рече Шилегов во своето обраќање.

Во учебната 2018/2019 година заедничките часови се реализираат во четири средни стручни училишта во град Скопје: СЕПУГС „Арсени Јовков“, АСУЦ „Боро Петрушевски“, СУГС „Браќа Миладиновци“ и СГГУГС „Здравко Цветковски“. Оваа учебна година се вклучија и две дополнителни училишта: СУГС „Јосип Броз Тито“ и СУГС „Димитар Влахов“.

Целта на заедничките часови во редовната настава, во кои учествуваат млади од разни етнички заедници, е да се подобрат меѓуетничката соработка и интеграцијата меѓу нив, како и да се зајакнат нивните граѓански и демократски вредности. Во второто полугодие на учебната 2018/2019 година се реализираа над 700 заеднички часови, во кои учествуваа над 450 ученици.

На промоцијата на заедничките ученички часови со ученици што учат на различни наставни јазици се обратија министерот за образование и наука, Арбер Адеми, претставникот на Канцеларијата на УСАИД во Северна Македонија, Ерик Јановски, шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која, раководителката на Секторот за образование на Град Скопје, Даниела Адамова, како и претставници од образовните институции.

Настанот беше организиран во соработка со Проектот на УСАИД, преку Проектот за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, спроведуван од Македонскиот центар за граѓанско образование (МЦГО) и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Спонзорирано: