20.8 C
Скопје
24. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Милошоски: Заев и Дескоска се правно неписмени, ги принудија пратениците да не донесат заклучок за членот 11

ВМРО-ДПМНЕ реагира по одлуката на Комисијата за законодавно-правни прашања, на која беше заклучено дека поранешниот претседател Ѓорге Иванов помилувал 56 лица преку непостоен член. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, на вонредна прес-конференција рече дека Владата седум дена ја замајувала јавноста со измислена тема, која, како што рече, имала цел да ги покрие нивните неуспеси во економијата, судството, здравството и сè друго, а граѓаните да се занимаваат со работи пред 30 години.

„За апсурдот да биде поголем, оваа правна неписменост на Владата, на премиерот и на министерката за правда заврши со Комисијата за законодовано-правни прашања, каде што мнозинство има владината коалиција, при што донесоа заклучок дека нема потреба од автентично толкување на членот 11 зашто таков член не постоел. Цела недела Министерството за правда тврди дека мора да има автентично толкување, една недела портпаролот на Владата вели дека мора да се гласа за автентично толкување, за на крајот да се донесе ваква одлука. Ова е зашто сфатија дека доколку Комисијата и Собранието донесат одлука дека членот 11 од Законот за помилувањето не постои, тој автоматски ќе мора да стане составен дел, односно да се избрише од Законот од 1993 па наваму, што значи дека единствениот корисник на членот 11, премиерот Зоран Заев, немаше да добие помилување и случајот ‘Глобал’ повторно ќе требаше да биде отворен. СДСМ влезе во една стапица со повикување на јавноста дека мора да се донесе автентично толкување на членот 11 за на крајот да донесе ваква одлука“, објасни Милошоски.

Според него, министеркта за правда и премиерот се правно неписмени, со тоа што ги принудиле своите пратеници да не донесат заклучок за членот 11, кој не постои, а ја заморуваат јавноста дека постои.

„По ваквото фијаско и конфузија во законите, сметаме дека СДСМ и Заев е корисно да одговорат на прашањата:
Зошто Заев не прифака иницијатива да се донесе закон во кој аболирани политичари нема да може да се занимаваат со политика или јавна дејност? Зошто Заев избегнува да се измени Законот за помилувањето, каде што на кој било политичар, ниту сега ниту во иднина, нема да може да му се даде помилување? Зошто Заев не го прифаќа принципот на измени на Изборниот законик – оној што ќе биде кандидат за мандатар на новата влада, да не биде и кандидат за пратеник? Затоа што тој што ќе победи, ќе формира влада, а тој што ќе изгуби, нема да има можност да се крие зад пратеничкиот имунитет“, порача Милошоски.

Спонзорирано: