Секогаш во средиштето на збиднувањата...

Брисел: Нема промена на правилата за земјите коишто се во процес на преговори

Правилата за земјите коишто се во преговори не можат да се менуваат во средина на играта, но решенијата мора да бидат во согласност со постојната политика, рече комесарот за проширување на ЕУ, Оливер Вархели.

Тој најави измени во методологијата на процесот на пристапување во ЕУ и рече дека ќе се обиде да ги разгледа сите предлози на земјите членки и да разговара за надминување на проблемите со нив, како и со земјите кандидати.

Вархели рече дека Европската комисија ќе стори сé што може за да му овозможи на Советот на ЕУ да почне преговори со Северна Македонија и со Албанија следниот март.

„Кога станува збор за тековните преговори, тие не можат да почнат од почеток. Правилата не можат да се менуваат во средина на играта, но решенијата мора да бидат во согласност со постојната политика“, рече Вархели на тркалезната маса на која се собраа претставници на пет држави во регионот во Брисел.

Тој повика на создавање процес на пристапување на земјите од Западен Балкан во ЕУ што ќе биде „подинамичен и кредибилен“, како за земјите членки на ЕУ, така и за кандидатите.

Комесарот за проширување истакна дека најголем предизвик гледа во големите економски разлики меѓу земјите членки на ЕУ и оние во најблиското соседство на Унијата.

„Треба конкретно да им помогнеме да се приближат, посилни и побрзи“, вели Вархели. Тој додаде дека економскиот развој на Западен Балкан не може да се постигне без постигнување траен мир и стабилност во регионот.