Секогаш во средиштето на збиднувањата...

Децата се сè подебели и физички неактивни

Нивото на физичка активност кај децата е значително намалено во текот на основното образование, покажува студија на научниците од Универзитетот Бристол.

Во неа се посочува дека времето кое децата на возраст од шест до единаесет години го минуваат во физичка активност од година во година се намалило под 17 минути.

Студијата ја следела физичката активност на 2.132 деца од 57 основни училишта во југозападниот дел на Англија во периодот меѓу 2012 и 2018 година. Децата носеле специјални уреди кои ја мереле нивната физичка активност во текот на пет дена во неделата.

На овој начин научниците се здобиле со прецизна слика за тоа колку минути на ден децата биле физички активни, но и за тоа дали нивните активности биле умерени или интензивни, односно доволни за малку да се задишат или испотат.

Студијата, финансирана од Британската фондација за срце (BHF), покажува дека 61 процент од децата во текот на првата година од следењето, дневно со интензивни физички активности се занимавале најмалку еден час.

Но, до шестата година само 41 процент од нив ја продолжиле истата активност. Физичката активност особено е намалена кај девојчињата, поточно од 54 на 28 проценти во моментот кога завршиле основно училиште.

„Забележавме значителна разлика во нивото на физичка активност кај момчињата и девојчињата на возраст од шест години. Во споредба со момчињата, девојчињата вежбаат многу помалку и во работните денови и викендите поминуваат повеќе време седејќи“, се вели во студијата.

„Девојчињата престануваат со интензивна физичка активност порано, така што јазот меѓу девојчињата и момчињата постепено се проширува на возраст меѓу шест и 11 години“.

Студијата исто така покажува разлики во телесната маса по единаесетгодишна возраст.

На пример, дете кое било полничко на шест години и останало такво на единаесетгодишна возраст, со интензивна физичка активност се занимавало десет минути пократко за време на работните денови, во споредба на дете со здрава телесена тежина од шест до единаесет години.

Авторите на студијата забележуваат дека податоците се собрани во области околу еден британски град каде што живеат главно етнички Британци, што ја ограничува можноста за генерализација во однос на други делови од земјата и други етнички групи./Makfax

Во тренд…