5.8 C
Скопје
29. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Франција е за влез на Балканот во ЕУ, но со нова постапка во седум етапи

Земјите од Западен Балкан треба да влезат во Европската унија, но преку нов, постепен процес на пристапување во седум фази, предлага Франција, а пишува хрватски „Индекс“, повикувајќи се на „ЕУобсервер“.

Минатиот месец, Париз го блокираше започнувањето на пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија, тврдејќи дека ЕУ треба прво да ја реформира својата методологија за проширување.

Сега француските власти излегоа со поконкретни идеи за тоа како треба да изгледа процесот, а кои се базираат на постепено вклучување на земјите-кандидатки, пред тие да станат полноправни членки.

Франција на останатите земји-членки им испратила неформален документ на шест страници, кој би требало да послужи како основа за дискусија во институциите на Унијата, пишува хрватскиот портал.

Според информациите, првата расправа би можела да се одржи веќе задутре во Брисел на состанокот на Советот за општи работи, а новата Комисија веќе во јануари би можела да објави подетални предлози.

Според документот, на кој се повикува „ЕУобсервер“, специјализиран портал за европски теми, новиот процес на пристапување ќе се одвива постапно, во седум чекори.

Преговорите за пристапување се водеа и уште се водат, така што земјата-кандидат мора да го усвои целосното европско законодавство, поделено во 35 поглавја, објаснува „Индекс“.

Преговорите се сведуваат на дефинирање на роковите и начините како и кога земјата-кандидат ќе го преземе европското законодавство и како ќе го спроведе, со цел да се трансформира и да може да ги преземе обврските што ги носи со себе членството во ЕУ.

Откако ќе завршат преговорите, се потпишува Договорот за пристапување и земјата станува полноправна членка по ратификувањето на договорот од сите земји-членки.

Франција сега предлага овој процес да се промени, така што земјата-кандидат постепено ќе влегува во различни сфери во ЕУ, се додека не стане полноправна членка.

Според овој концепт, пристапниот процес би бил поделен во седум чекори и по секој од нив, замјата-кандидат би била вклучена во конкретни политики и програми.

Првата фаза е владеење на правото и основните права, втората е образование и истражување, третата е труд и социјални прашања, четвртата е финансиски работи, петтата е единствен пазар, земјоделство и риболов, шестата е надворешни работи и седмата се останати детали.

На пример, земја-кандидат, која ќе ги мине сите реформи предвидени во првата фаза, би можела рамноправно да учествува во институции како Евроџаст и Европол, појаснува „Индекс“.

Реформата на пристапниот процес бара согласност од сите земји-членки и прашање е како на крај ќе изгледа финалниот нов пристап.

Идејата за т.н. „секторски интеграции“ не е целосно нова бидејќи и порано кружеле идеи процесот на пристапување да се направи повидлив во земјите кои преговараат и така на пример да им се отворат структурни фондови наместо да им се помога преку претпристапни фондови кои се многу поскромни./Makfax

Спонзорирано: