Секогаш во средиштето на збиднувањата...

Има девет години и до крај на 2019. ќе дипломира, па потоа запишува докторат

Вундеркинд од Белгија на 9-годишна возраст студира електротехника и планира да дипломира на Универзитетот за технологија во Ајндховен до декември, на студиите кои ги започна минатата година. Потоа, Лорен Симонс планира да продолжи со докторски студии по електротехника, а истовремено ќе студира медицина, изјави неговиот татко Александер за Си-ен-ен. Талентот на момчето за прв пат го забележале неговите баба и дедо, а родителите сметале дека претеруваат, но наскоро и наставниците се согласиле.

Тие го тестирале темелно во потрагата по границите на неговиот талент и им кажале на родителите дека е како сунѓер кој брзо апсорбира неверојатна количина на информации.

Лорен потекнува од докторско семејство, но сè уште нема објаснување зошто е толку надарен. Универзитетот му дозволи да ги заврши студиите порано од другите студенти.

Сјоер Хулшоф од универзитетот вели дека Лорен е едноставно извонреден.

„Лорен е најбрзиот студент што сме го имале. Не само што е хиперинтелигентен, тој е исто така многу сочувствителен“.

Неговиот напредок, се разбира, не остана незабележан, па веќе го бараат престижни универзитети ширум светот, но семејството на Лорен допрва треба да каже кои понуди ги имаат предвид за неговиот докторат.

Неговите родители внимаваат покрај учењето Лорен да има време и за игра.

„Не сакаме тој да стане многу сериозен, па прави што сака“, вели неговиот татко, додавајќи дека мора да се постигне рамнотежа меѓу детството и талентот.

Лорен веќе знае што сака да направи во животот: развој на вештачки органи./Makfax